Град Скопје ја поддржа иницијативата за дислокација на цементарницата „Титан-Усје“ надвор од скопската котлина, по повеќемесечни протести и притисок од граѓански иницијативи поради загадувањето на воздухот, но конечната одлука и постапката сега се во надлежност на Владата.
Советот на Град Скопје, по повеќечасовна седница, едногласно ја усвои иницијативата поднесена од граѓанската платформа „Зелен Хуман Град“, со која се предвидува низа институционални чекори за проверка на еколошките стандарди и можноста за дислокација на големите индустриски загадувачи.
Според усвоените заклучоци, Министерството за животна средина треба да утврди дали „Усје“ и другите индустриски капацитети ги исполнуваат законските услови, додека Државниот инспекторат ќе спроведе ненајавени контроли. Општините ќе бидат обврзани наодите да ги вградат во урбанистичките планови, а градоначалникот ќе побара од Владата да разгледа формална постапка за дислокација надвор од скопската котлина.
Од компанијата „Титан-Усје“ ги отфрлија обвинувањата дека се главен извор на загадувањето, наведувајќи дека работат согласно најдобрите достапни техники и еколошки стандарди на Европската унија и дека се под постојан надзор на надлежните институции.
„Компанијата работи одговорно и транспарентно, а причините за загадувањето се комплексни и не можат да се сведат на еден извор“, соопштија од „Титан-Усје“.
Во четвртокот, граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ организираше протест на една од главните сообраќајници во Скопје, барајќи итна дислокација на фабриката и построги мерки за заштита на јавното здравје.
Политичката партија Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја поздрави одлуката на Советот, но предупреди дека дислокацијата на индустриски капацитет од ваков обем претставува сложена правна и финансиска операција која може да трае со години, без јасна временска рамка и финансиска конструкција.
ДОМ повика, додека трае процесот, да се воведат итни мерки со моментален ефект, меѓу кои јавен мониторинг во реално време, забрана за користење алтернативни горива, задолжителна инсталација на дополнителни филтри и засилени инспекциски контроли.
Скопје со години се соочува со сериозно загадување на воздухот, особено во зимските месеци, а граѓанските организации предупредуваат дека одложувањето на институционалните решенија има директни последици врз здравјето на населението.

