Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, најави дека ќе биде распишан нов оглас за избор на член на Судскиот совет на предлог на Собранието, кој ќе се спроведе согласно новиот Закон за Судскиот совет.
Гаши изјави дека постапката за избор на еден од членовите е стопирана, откако Комисијата за прашања на изборите и именувањата на 11 декември предложила кандидат пред да стапи во сила новото законско решение.
„Постапката ќе се повтори согласно новиот Закон, со цел целосно почитување на законските процедури и критериуми“, изјави Гаши.
Во меѓувреме, новоизбраните членки на Судскиот совет, Сузана Јошевска-Анастасовска и Арлинда Кадри-Шахиновиќ, во четвртокот дадоа свечена изјава во Собранието, со што официјално ја презедоа функцијата.
Гаши оцени дека со свечената изјава двете членки ја потврдиле својата подготвеност да ја извршуваат функцијата со независност, интегритет и професионализам, со цел зајакнување на довербата во судството.
Судскиот совет е клучна институција задолжена за избор, унапредување и разрешување на судиите, а реформата на неговото функционирање е дел од пошироките напори за унапредување на владеењето на правото и усогласување со европските стандарди.

