Германскиот неделник Der Spiegel во остар коментар обвини дека политиката на Германија кон Израел претставува „соработка по молчење“ во, како што се наведува, „катастрофалната“ војна во Газа, која според весникот веќе го надминува прагот на воени злосторства со меѓународни последици.
Повикувајќи се на документирани извештаи, Der Spiegel пишува дека израелската воена операција довела до смрт на над 58.000 Палестинци, меѓу кои 17.000 деца, како и до систематско уништување на цивилна инфраструктура, вклучително и воведување масовен глад врз блокираното население.
Во коментарот се наведува дека стратегијата на Израел претставува „колективна казна“ над цивилното население, што е во спротивност со меѓународното хуманитарно право. Сликите од изнемоштени деца, сведоштва на лекари и изјави на израелски функционери за намерна депортација на цивили, се наведуваат како недвосмислени докази за, како што се оценува, прекршувања на Женевските конвенции.
Весникот го обвинува кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за создавање „режим на глад“ во Газа, со цел – како што се наведува – не само неутрализација на Хамас, туку и бришење на палестинското присуство од територијата.
И покрај меѓународниот притисок, вклучително од Франција, Велика Британија и Швајцарија, германската влада продолжува да дава поддршка на Тел Авив. Der Spiegel оценува дека оваа позиција е во директна спротивност со историската одговорност што Германија ја има поради Холокаустот – одговорност која, според весникот, подразбира заштита на човековите права и меѓународното право, не безусловна поддршка на израелски владини политики.
„Да се поддржува влада која извршува воени злосторства не значи сеќавање на историјата – туку нејзино извртување,“ пишува Der Spiegel.
Во текстот се наведува дека израелската офанзива ја надминала фазата на легитимна самоодбрана по нападот на Хамас на 7 октомври. Хамас не е поразен, израелските заложници не се ослободени, а политичка визија за иднината на Газа не постои – остануваат само разурнување, смрт и, како што се вели, простор за „екстремистички соништа“ за Газа без Палестинци.
Коментарот предупредува дека додека светот покажува знаци на замор, правниците веќе разгледуваат можноста за геноцид во Газа. Иако оваа квалификација е правно комплексна, Der Spiegel нагласува дека нема сомнеж за извршени воени злосторства: од масовен глад, преку уништување на цивилни цели, до колективно казнување.
Весникот ја повикува германската влада веднаш да престане со извозот на оружје во Израел, да го суспендира политичкиот и трговскиот ангажман додека трае конфликтот, и активно да ја поддржи Меѓународниот кривичен суд, дури и доколку се подигнат обвиненија против израелски функционери.
„Веќе не е доволно канцеларот Фридрих Мерц да изразува ‘блага загриженост’. Тој мора отворено да повика на прекин на огнот,“ заклучува Der Spiegel.
Во завршницата, весникот повикува на нова меѓународна иницијатива за трајно политичко решение, преку создавање две држави – палестинска и израелска. „Ова е голема задача. Но Германија не смее – и не може – да остане пасивна. Сега е време за акција,“ се вели во коментарот.
.

