Даночни инспектори, нивни заменици и раководители на сектори во Управата за јавни приходи (УЈП) во изминатите три години биле опфатени во повеќе истраги за организирани шеми на даночни измами, фиктивен поврат на ДДВ и злоупотреба на службени овластувања, со што државниот буџет бил оштетен за десетици милиони евра, соопштија обвинителските органи, пишува РСЕ.
Според досегашните истраги на Обвинителството, средствата завршувале на приватни сметки наместо во државната каса, што, според даночни експерти, ја поткопува довербата во даночниот систем и ја зголемува фискалната нетранспарентност.
Најголема истрага поврзана со УЈП
Во последната истрага на Основното јавно обвинителство Скопје, опфатени се 20 лица, од кои 11 се вработени и раководители во УЈП. Тие се осомничени за даночно затајување, перење пари и злоупотреба на службена положба. Обвинителството соопшти дека соработката меѓу службеници во УЈП и сопственици на фирми резултирала со штета за државниот буџет од околу 4,8 милиони евра.
Истрагата покажува дека шемите со фиктивни фактури, лажни даночни пријави и неоснован поврат на данок не можеле да се реализираат без поддршка од внатрешноста на институцијата.
„Осомничените сопственици и управители на правни лица со лажни пријави побарале, а осомничените вработени одобриле неосновано враќање данок за нерезидентни правни лица, со што е нанесена штета на буџетот од 31 милион денари“, се наведува во соопштението на обвинителството.
Од Управата за јавни приходи соопштија дека имаат „нулта толеранција за корупција“ и дека целосно соработуваат со обвинителските органи, додавајќи дека презеле мерки за непречено функционирање на институцијата додека траат постапките.
Синдикалните организации во УЈП порачаа дека не оправдуваат никакво коруптивно однесување, но предупредија на потребата од почитување на презумпцијата на невиност и јасно разграничување на индивидуалната одговорност.
Системски слабости
Даночните аналитичари оценуваат дека вмешаноста на даночни службеници во организирани измами укажува на сериозни структурни слабости во контролите и административните процедури.
„Кога вакви случаи се повторуваат и вклучуваат организирани групи, тоа претставува сериозна закана за владеењето на правото и за довербата во институциите“, изјави даночниот експерт Павле Гацов.
Тој додаде дека е неопходно зајакнување на внатрешните и надворешните контроли, воведување механизми за анонимно пријавување и, пред сè, дигитализација на процесите за да се намали дискреционото одлучување.
Директорот на Финансиската полиција, Слободан Ивановски, изјави дека најголемиот дел од откриените кривични дела во 2024 и 2025 година се поврзани со злоупотреба на службена положба, проневера и несовесно работење.
„Повеќето случаи произлегуваат од системски слабости, недоволна контрола и слаби механизми за превенција. Многу од нив можеле да се спречат со навремено реагирање и поголема транспарентност“, рече Ивановски.
Конкретни случаи
Во одделна истрага поврзана со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Обвинителството уапси 11 лица, од кои осум даночни инспектори и раководители, осомничени дека за поткуп го предупредувале сопственикот за претстојни контроли и му овозможиле да работи без фискални сметки.
Во предметот „Синџир“, пак, 15 вработени во УЈП беа приведени во 2024 година, осомничени дека преку мрежа од 28 компании и фиктивни фактури го оштетиле буџетот за околу 8 милиони евра.
Според аналитичарите, овие случаи го отвораат прашањето за ефикасноста на антикорупциските механизми и политичката одговорност. Податоците на Народната банка покажуваат дека употребата на готовина во економијата останува висока, што, според експертите, дополнително ја поттикнува корупцијата.

