8.8 C
Скопје
18 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

„Историски“ закон или козметичка реформа? Само 49 од над 1.300 институции под новите правила

Новиот закон за висока раководна служба, кој Владата го промовира како клучен чекор кон департизација и професионализација на јавната администрација, ќе се применува на помалку од пет отсто од институциите во јавниот сектор, покажуваат официјалните податоци, јави РСЕ.

Законот предвидува построги критериуми за избор на директори, вклучително најмалку седум години релевантно работно искуство и пет години раководно искуство, како и тестирање и интервјуа доколку има повеќе кандидати. Но, според Регистарот на Министерството за администрација, од вкупно 1.374 институции, новите правила ќе важат за само 49 директори и нивни заменици, 19 државни секретари и членови во 13 управни одбори.

Експерти и претставници на граѓанскиот сектор на јавната дебата за законот оценија дека предложеното решение е „добар, но недовршен чекор“, кој остава широк простор за политичко влијание, особено на локално ниво.

„Градоначалник назначува, градоначалник разрешува – тоа правило останува“, велат аналитичарите, укажувајќи дека 830 институции се под општинска надлежност и не се опфатени со законот, додека Владата е основач на 443 институции.

Професорот на Правниот факултет, Борче Давитковски, вели дека законот за првпат прави обид да се оддели политичката од стручната функција, но предупредува дека неговиот опфат е премногу тесен. „Потребна е реформа на целиот јавен сектор, особено на јавните претпријатија каде што Владата ги именува управните одбори и директорите“, изјави тој.

Од Министерството за администрација наведуваат дека ограничениот опфат е последица на принципот на децентрализација, додавајќи дека изборот на раководители во институциите под општинска надлежност останува регулиран со секторски закони.

Претставници на организацијата СИГМА, која работи со Европската унија на подобрување на управувањето, предупредија дека со законот не се опфатени клучни позиции, вклучително генералниот секретар на Владата, како и високите раководители во безбедносниот сектор.

Дополнително, експертите укажуваат дека Владата и натаму ќе има дискреционо право да избере еден од тројцата највисоко рангирани кандидати, што, според нив, остава простор за политички влијанија и повторување на конкурсите доколку „вистинскиот кандидат“ не биде избран.

„Клучниот проблем не се условите, туку отсуството на целосно транспарентна и меритократска постапка“, вели Неда Малевска Сачмаровска од Центарот за управување со промени, додавајќи дека без објективно тестирање и строга проверка на искуството, интервјуата може да останат главниот канал за политички притисок.

Една од позабележливите измени е укинувањето на задолжителните меѓународни сертификати за странски јазик за дел од директорските позиции, што, според Владата, е направено поради природата на надлежностите на институциите.

Експертите оценуваат дека професионализацијата на администрацијата ќе зависи од политичката волја да се ограничи контролата врз кадровските решенија, предупредувајќи дека селективната примена на правилата ризикува реформата да остане половично решение.

 

Related posts

Мицкоски: Јавното обвинителство ќе се произнесе за истрагата за пожарот во Кочани

admin

Виснер: Западен Балкан нема да биде приоритет на администрацијата на Трамп

admin

Касами и Меџити на средба со Мицкоски пред студентскиот протест

admin

Нови обвинувања за Богоев: ВМРО-ДПМНЕ прашува дали му биле ветени 30.000 евра од тендер

admin

Кривични пријави против 34 лица и три фирми за пожарот во Кочани

admin

Трамп се повлече од новите напади врз Иран по предупредувања од Саудиска Арабија и Техеран

admin