Неколку лица загинаа, а повеќе се повредени по експлозија и пожар во бар во швајцарскиот ски-центар Кранс-Монтана, соопшти полицијата.
Експлозијата се случила околу 01:30 часот по локално време во барот „Ле Констелацион“, за време на новогодишна прослава, соопшти кантоналната полиција на Вале. Причината за експлозијата засега не е позната.
Полицијата не соопшти точен број на жртви, наведувајќи само дека има „неколку загинати“. Локалните медиуми, повикувајќи се на полициски извор, јавија дека во моментот на експлозијата во барот имало повеќе од 100 лица.
Службите за итна помош, вклучувајќи полиција, пожарникари и медицински екипи, и натаму се на терен, а областа околу објектот е целосно затворена. Над Кранс-Монтана е воспоставена и забрана за летање, соопшти полицијата.
На социјалните мрежи се појавија непотврдени снимки на кои се гледа пожар во објектот. Дел од локалните медиуми шпекулираат дека експлозијата можеби е поврзана со пиротехника, но полицијата наведува дека истрагата е во рана фаза и дека причината сè уште се утврдува.
Полицијата отвори телефонска линија за семејствата на погодените лица.
Кранс-Монтана е луксузен ски-центар во швајцарските Алпи, популарен меѓу меѓународни туристи, и кон крајот на јануари треба да биде домаќин на трка од Светскиот куп во алпско скијање.

