Новата Национална стратегија за безбедност на САД започна да се спроведува со апсењето на Мадуро – личност која ја узурпира власта во Венецуела и која Вашингтон ја прогласи за дел од криминална и терористичка организација. Каков нов светски поредок се раѓа и каква ќе биде судбината на регионот?
Пишува: Џелал Незири
Националната стратегија за безбедност на САД не беше изненадување ако се има предвид визијата на претседателот Доналд Трамп, кој со својата доктрина „Америка на прво место“ проектира свет доминиран од реализам како школа во меѓународните односи. Објавена во ноември 2025 година, оваа стратегија само ја дефинира улогата и целта на Вашингтон во меѓународните односи.
Доктрината на Трамп во првиот мандат се темелеше на таканаречениот „принципиелен реализам“, според кој, пред воена интервенција, треба да се настојува проблематичните држави (преку притисок и санкции) да се насочат кон позитивни промени (како што беше случајот со Северна Кореја, Иран, Кина…). Сега, во новата стратегија, се користи терминот „флексибилен реализам“, кој го става фокусот на запирање на војните и „употребата на моќта за мир“.
Единствената траекторија што го поврзува овој пристап на Трамп во меѓународните односи е „заштитата на американскиот интерес“. Во тој контекст може да се дефинира и воената интервенција во Венецуела и апсењето на нејзиниот нелегитимен претседател, Николас Мадуро.
По смртта на поранешниот претседател Хуго Чавез во 2013 година, кој 11 години ја водеше Венецуела, Мадуро ги манипулираѓе сите избори досега. Последните беа во 2024 година, кога победата ѝ беше украдена на опозицискиот кандидат. Но, Трамп не сака да ја донесе опозицијата на власт и да ја демократизира Венецуела. Неговиот пристап е чисто реалистички и беше најавен и во Стратегијата за безбедност. „Стратегијата е конкретен и реалистичен план што ја објаснува суштинската врска меѓу целите и средствата: таа започнува со точна проценка на тоа што се бара и на средствата што се на располагање, или што реално можат да се создадат, за да се постигнат посакуваните резултати“, се наведува во воведот на Стратегијата. „Една стратегија мора да процени, да рангира и да постави приоритети. Не секоја држава, регион, прашање или кауза, колку и да е вредна, може да биде во фокусот на американската стратегија. Целта на надворешната политика е заштитата на клучните национални интереси; тоа е единствениот фокус на оваа стратегија.“
Во таа насока, американски национален интерес е постоењето на влада што ќе се бори против трговијата со дрога, но и пристапот до нафтените резерви на Венецуела. Со 308 милијарди барели, оваа држава е прва во светот, дури и пред Саудиска Арабија со 258 милијарди барели. Американски нафтени компании како Exxon, Gulf, Mobil и други биле присутни во Венецуела уште од Втората светска војна. Во 1971 година, кога државата реши да ги национализира своите енергетски ресурси, американските компании останаа без околу пет милијарди долари вложени инвестиции. Токму САД ја открија нафтата таму и инвестираа во потребната инфраструктура за нејзино вадење и продажба – бизнис од кој, секако, корист имаше и Венецуела. По национализацијата, земјата произведува значително помалку нафта отколку претходно.
Во најновата американска стратегија Балканот воопшто не се споменува. Единствените држави од регионот што се споменуваат се Косово и Србија, и тоа двапати: најпрво во воведниот текст на претседателот Трамп, а потоа и во делот за принципите на Стратегијата. Во двата случаи, двете балкански држави се споменуваат во контекст на спречување на вооружен конфликт, како резултат на посредување или интервенција на американскиот претседател.
Не е јасно дали станува збор за потпишувањето на Вашингтонскиот договор во 2020 година во Белата куќа, кога Приштина и Белград се обврзаа на нормализација на односите, или за некаква интервенција во текот на оваа година, по започнувањето на вториот мандат на Трамп.
ШТО Е РЕАЛИЗМОТ ВО МЕЃУНАРОДНИТЕ ОДНОСИ?
Пред да продолжиме со анализата на новата Стратегија во однос на регионот и „флексибилниот реализам“ како парадигма, потребно е да се вратиме на главните теории во меѓународните односи, кои доминираат уште од формирањето на државите.
Историчарот и генерал на античка Грција, Тукидид, кој се смета за основач на реалистичката школа, светот го гледал како анархична сцена, каде „силниот го прави она што мора, а слабиот го прифаќа она што мора да го прифати“. Светот, според реалистите, е голема џунгла без закони, во која државите се во постојана конкуренција (борба) за поголемо влијание.
Во нивната перспектива, меѓународните организации, унии или алијанси не треба да имаат улога што би ја замениле улогата на државите. Токму моќта на државите го одредува нивното место во светскиот поредок, а не вредностите или принципите што ги промовираат тие организации. Вредностите, принципите или разумот, сметаат тие, не треба да бидат пречка за остварување на државните цели. Безбедноста на државата е главната цел на реалистите и, за да се постигне, неопходно е да се обезбеди рамнотежа на моќ меѓу државите.
Либералите (идеалистите), од друга страна, сметаат дека државите се важни актери во меѓународните односи, но не и единствени. Во таа смисла, актери од политичкото, граѓанското и економското општество – како невладини организации, стопански комори, здруженија на граѓани и слично – исто така можат да играат значајна улога. Наместо анархија, либералите ги гледаат меѓународните односи пооптимистички, нагласувајќи можен ред и хармонија засновани на меѓународни морални вредности.
Реалистите преферираат конкуренција, додека либералите – соработка. Првите сметаат дека влијанието се постигнува преку „тврдата моќ“, како воената интервенција, додека вторите повикуваат на користење „мека моќ“ – влијание преку дипломатски канали, финансиска поддршка, пазари, инвестиции и други придобивки.
МИРОТ МЕЃУ КОСОВО И СРБИЈА ВО НОВАТА СТРАТЕГИЈА
Да се вратиме на спомнувањето на спречувањето на војна меѓу Косово и Србија во Стратегијата. Дел од американските и европските аналитичари сметаат дека станува збор за Вашингтонскиот договор, со кој Трамп верува дека спречил нова војна на Балканот. Овој документ беше потпишан во септември 2020 година меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и тогашниот косовски премиер Авдулах Хоти, неколку месеци пред Трамп да го загуби вториот мандат од поранешниот претседател Џо Бајден.
Ова е порака дека односите Приштина–Белград ќе останат на радарот на Белата куќа, додека мирот и нормализацијата веќе се промовираат како еден од успесите на американскиот претседател.
Во овој контекст, „флексибилниот реализам“ на Трамп подразбира брза имплементација на договорените одредби со цел воспоставување долгорочен мир. Косово и регионот не припаѓаат на групата „неважни земји“ за кои новата стратегија вели дека САД нема што да бараат таму. Напротив, Балканот е главен полигон за влијанието на Кина, Русија и Иран, против кое САД најавуваат борба.
Овој прагматичен пристап и новата доктрина на Трамп може да донесат нов свет, во кој мирот ќе се одредува според интересите на моќните држави. За малите држави, како оние на Балканот, ова прекројување на светскиот поредок може да се чита како порака дека нивната стабилност повеќе ќе зависи од сојузништвото со Западот отколку од меѓународните правила, вредности и принципи.

