12.8 C
Скопје
7 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

ШТАНЦАЊЕ ДИПЛОМИ ЗА ФУНКЦИОНАЛНО НЕПИСМЕНИ

Ако само еднаш сте ја отвориле страницата на Агенцијата за вработување, сигурно сте биле сведок на најголемиот парадокс, стотици вневработени бараат работа, исто толку компании бараат работници кои не можат да ги најдат ни под дрво ни под камен. Македонија – земја на „штанцање“ дипломи за функционално неписмени луѓе.

Пишува: Катерина Топалова

„Над 90 отсто од невработените во земјава се функционално неписмени или нефункционално писмени, а 63 отсто од нив се без основно или незавршено основно образование. Ова е фактичката состојба, ова е кадарот кој жедниот пазар за труд не може да го впие зашто е несоодветен. За ова мора да зборуваме, ова е децениски проблем и исклучително важно.“ Ваква изјава неодамна даде Вицепремиерот Битиќи, објаснувајќи ја потребата за преквалификација или доквалификација за поголема конкурентност на пазарот на трудот. Доживотното учење е светски тренд кој мора да се следи и сите генерации мораат да заборават дека со земањето на дипломата завршиле со школувањето, па сега е време за работа.

Но она што Битиќи не го потенцира во оваа изјава е „штанцањето“ на дипломи или нивната вредност.

„Воведување цели и индикатори за сеопфатната стратегија за образование 2018-2025 напредува бавно, како и имплементација на соодветен систем за мониторинг. Препораките од извештајот за 2020 година беа само делумно адресирани и остануваат валидни“, забележува последниот извештај на Европската Комисија.

Каков е квалитетот на образованието што го нуди оваа држава и зошто никој не зборува за десетици студенти кои завршуваат на македонски факултети без воопшто да го познаваат македонскиот јазик? Како завршуваат приватни факултети без да го знаат смерот што е запишан на нивната диплома? Кој и како го дозволува бизнисот со „штанцање“ на високо образовани кадри? И на крај, кому му одговара елементарно неписмени луѓе да поседуваат диплома?

Корупцијата во образованието не е само во „поклон во плик“ за положен испит, таа е и во „продажбата“ на книги кои се услов за оценка, роднински, партиски и пријателски врски за да „помине“ одреден ученик или студент и преодна за да не си заминуваат учениците или студентите од таа образовна установа.

„Штанцањето“ на функционално неписмени се става на тест веднаш кога дипломата ќе отиде на пазарот на труд, кога се потребни вештини а не петки или десетки, кога пазарот бара едно а училиштето дало друго.

Државата со децении замижува на бројните застарени програми за кои вечно се најавуваат реформи, кои секогаш почнуваат но никогаш не завршуваат. Нашите образовни институции и пазарот на трудот се два паралелни света кои никако да се спојат. Ние уште правиме прилози зошто имаме мал број на запишани новинари, малку филолози или незаинтересирани математичари. Нашите ученици не се мотивирани, оти учат за „маус“ и тастатура тогаш кога на нивните профили на социјалните мрежи искуцале десетици статуси. Нашите ученици прават проекти на хамер хартија а студентите учат од фотокопирани скрипти.

„Штанцани“ дипломи ќе има и оти прво полугодие помина без учебници, а за второто се надеваме ќе се испечатат. Оти учениците и студентите го живеат тоа „нормално“ и оти гледаат дека и така се проаѓа. Оти на универзитетите има цело семејно стебло на вработени и оти никој не им може ништо.

Затоа пекар ќе биде потценето иако е поплатено од правник, затоа шнајдер ќе нема ни за лек иако повеќе се бара и од економист. Пазарот на труд и македонското образование се тинејџер и родител кои постојано викаат и никако не се слушаат.

Кај нас почитуван Вицепремиере проблемот е системски и за негово решавање недостасува политичка волја, оти некому му одговара оваа земја да биде расадник на неписмени луѓе со дипломи!

Related posts

Опасниот заборав на евроинтеграциите

admin

НЕВИДЛИВА ДИСКРИМИНАЦИЈА

admin

Сив туризам

admin

ПАРАЛЕЛНИ СВЕТОВИ, ФАТАЛНАТА БЕЗДНА НА ПУСТОША

admin

Македонските приоритети треба да се третираат како државен, а не партиски интерес

admin

ВЛАДА БЕЗ ДУИ – КОГА ЕГОТО Е ПОВАЖНО ОД ЦЕЛТА

admin