27.8 C
Скопје
6 септември, 2026
Inbox7.mk
АНАЛИЗАСТАВ

Воскреснувањето на „Процесот“ на Кафка во Северна Македонија

„Заборавив да ве прашам: Каков вид невиност претпочита господинот; постојат три вида невиност: вистинска, привидна и одложување на постапката…“ („Процес“, стр. 141, Франц Кафка).

Пишува: Селадин Џезаири

Објавен пред еден век (1925), романот „Процес“ на Франц Кафка, со право, како што го оценува и книжевната критика, се вбројува меѓу ремек-делата на светската книжевност, содржејќи совршена филозофска алегорија за апсурдноста на човековото постоење наспроти невидливите, моќни и бирократски системи на правдата. Главниот протагонист Јозеф К. бил наклеветен од некого и тоа било доволно тој да талка во потрага по правдата: вината не била докажана, иако тој трчал по правдата низ лавиринтите на недопирливиот и невидлив судско-бирократски систем.

„Заборавив да ве прашам: Каков вид невиност претпочита господинот; постојат три вида невиност: вистинска, привидна и одложување на постапката…“ – ова се прашањата на еден „чесен“ сликар кој талка низ мрачните простории на судот без светлина.

Се чини дека судскиот процес што се води против Артан Груби, кому македонската правда му е зад петиците уште од средината на декември 2024 година, е инспириран токму од романот на Кафка! Да потсетиме дека Груби, во својство на поранешен прв вицепремиер на РСМ, и поранешниот директор на Државната лотарија, заедно со уште шестмина, првично беа обвинети за присвојување незаконски стекнат имот. Всушност, Обвинителството ги обвини за „измама во службата“, согласно член 354 од Кривичниот законик, бидејќи постоеле основани сомненија дека учествувале во наводна злоупотреба на повеќе од осум милиони евра преку набавка на ВЛТ-апарати и дека со донесените одлуки и склучените договори на Лотаријата на Северна Македонија ѝ била нанесена штета од околу 500 милиони денари. Во меѓувреме, зачудувачки, во процесот што започна кон крајот на минатиот месец, истото обвинение ги товари за „злоупотреба на службената положба и овластување“!

Процес токму како Кафкиниот „Процес“, кој го разголува, го остава сосема гол, системот на правдата! Затоа што, за првпат во овие 35 години, откако Македонија стана независна држава, се процесуира претседавач со владина седница на која била донесена одлука – колективна! Оттука, создадениот лавиринт ќе биде поголем предизвик за македонското судство отколку за самиот Груби и другите осомничени. На крајот на краиштата, по секоја промена на власта не е дека не започнува сезоната на „лов на вештерки“, но конкретниот случај е најдобар доказ за монтиран политички процес, можеби за да се докаже „решителноста“ на новата власт во „борбата против корупцијата и организираниот криминал“, битка која е мошне посакувана и од Европската Унија. Меѓутоа, случувањата што се одвиваат паралелно со овој процес, преку застарување на предметите и замижување пред кражбите во овој речиси половина мандат на македонската извршна власт, го разоткриваат она што се нарекува селективна или ексклузивна правда, дури и без никаква мера! Зашто, за правната одговорност на првиот вицепремиер Артан Груби, всушност на сите носители на извршната власт (премиерот и министрите) за овој или за кој било друг случај, требало да се одлучува во Парламентот. Впрочем, тоа многу јасно го кажува член 92 од Уставот на Северна Македонија: „Владата и секој нејзин член, за својата работа одговараат пред Собранието“. Ова право на импичмент можеле да го иницираат пратениците од тогашната македонско-албанска опозиција. Тоа, очигледно, не го направија, па затоа сме тука каде што сме: Во природата на власта е да прави чуда, но – со мера. Зашто, ова што се случува ги воскреснува протагонистите на Кафкиниот „Процес“, а тоа, за жал, не зборува добро за земја која претендира да стане дел од европското семејство. Не зборува, и затоа денес го имаме современиот Кафкин „Процес“, со сите негови протагонисти, виновни и невини!

Related posts

МОРБИЛИ И „ИМУНОЛОШКА АМНЕЗИЈА“

admin

Зошто скршена Русија е лоша за светот

admin

Оставени сме на својата судбина

admin

НЕМА КОНСЕНЗУС ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ ПО ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА

ninja

Индекс на политички интегритет: Синдикалниот лидер Благоја Ралповски, претседател на КСС

admin

Новото нормално изгледа прилично страшно

admin