Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, од четврток до сабота престојува во официјална посета на Северна Македонија, каде што ќе оствари средби со државниот врв и ќе посети повеќе локации во Скопје и Тетово, соопштија властите.
Според кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Бегај в петок ќе биде пречекан со државни и воени почести, по што ќе следува тет-а-тет средба и билатерални разговори меѓу двете делегации.
Во рамки на посетата, албанскиот претседател ќе ја посети Општина Чаир и Старата скопска чаршија, а в сабота е најавена негова посета на Тетово, каде што ќе има средби со локални претставници.
Поради посетата, Министерството за внатрешни работи најави посебен режим на сообраќај во Скопје од четврток до сабота, со повремени затворања на улици во централното градско подрачје и по трасите на движење на делегацијата.

