Опозициската СДСМ денеска објави дека обвинителствата во Србија и во Македонија добиле клучни податоци од Американската агенција за борба против дрога (DEA) за случајот со пет тони марихуана кои излегле од Македонија и завршиле во Србија.
Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на прес-конференција рече дека молкот на премиерот Христијан Мицкоски укажува дека без поддршка од структури во власта, МВР и Царината, ваква операција би била невозможна. Тој повика на итна, независна и транспарентна истрага за да се утврди кој е вмешан и како дрогата ја преминала границата.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, продолжија со обвинувањата за вмешаност на поранешниот премиер Зоран Заев и актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, во случајот со марихуаната. Пратеникот Бране Петрушевски повтори дека Заев и Филипче се „фатени во бизнисот со марихуана“ и ги повика на јавно објаснување пред јавноста.
Во реакција, Заев преку социјалните мрежи побара извинување од Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ и најави тужба за клевета, негирајќи каква било поврзаност со заплената на дрога во Македонија и Србија.
Според Обвинителството за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), случајот е во фаза на предистрага. Во акцијата на територијата на Македонија се запленети над 40 тони дрога на повеќе локации во Скопје и Струмица, а институциите продолжуваат со сослушување на сведоци и прибирање на докази.
Премиерот Мицкоски вчера изјави дека нема информации дека запленетата дрога во Србија излегла од Македонија, ниту дека МВР располага со такви податоци.
Случајот ја отвори политичката дебата меѓу власта и опозицијата, со обвинувања за организиран криминал, политички притисоци и контролата на пазарот со марихуана за медицински цели, што дополнително ја заостри тензијата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

