Министерството за здравство во вторникот го промовираше порталот Operacii.zdravstvo.gov.mk, нов модул за електронска евиденција на елективни хируршки интервенции во јавните здравствени установи, со цел транспарентно следење на листите на чекање и третман на пациентите по принципот „прв дојден, прв услужен“.
Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека системот треба да го намали просторот за злоупотреби и фаворизирање при закажувањето операции, иако, како што рече, не може целосно да се исклучи можноста за обиди за заобиколување на редот.
„Со овој редослед ќе имаме увид во тоа што се случува во секоја институција. Ова е првиот чекор и ќе продолжиме да развиваме дополнителни решенија“, изјави Алиу на прес-конференција.
Досега, евиденцијата за елективни хируршки интервенции се водела преку системот „Мој термин“, но, според министерството, биле утврдени бројни недоследности, меѓу кои доцнење во издавањето упати, користење несоодветни типови упати и водење листи во хартиена форма.
Анализата за 2025 година покажала значителна разлика меѓу бројот на реализирани упати за операција – 58.648 – и бројот на извршени операции, кои изнесувале 93.510, што, според Алиу, укажува на непочитување на законската обврска за издавање специфичен упат за хируршка интервенција.
Новиот модул им овозможува на пациентите и на јавноста да пребаруваат податоци според повеќе параметри, вклучувајќи специјалност на лекар, тип на интервенција, здравствена установа, лекар специјалист и број на пациенти кои чекаат.
„Целта е транспарентност и реална слика за времето на чекање. Итните и интервентните случаи нема да бидат опфатени и ќе се реализираат веднаш“, изјави Алиу.
Директорката на Управата за електронско здравство „Мој термин“, Жаклина Чагоровска, изјави дека секоја здравствена установа има обврска редовно да ги ажурира листите, кои се водат поединечно по лекар и по интервенција, врз основа на уникатен број од упатот за операција.
Таа додаде дека пациентите кои ќе одлучат да се оперираат во приватен сектор автоматски ќе бидат отстранети од листата на чекање, која се ажурира на секои 24 часа.
Чагоровска изјави и дека новиот систем ќе овозможи проверка на тврдењата за долги листи на чекање и ќе им помогне на надлежните институции во контролата на дополнителната дејност на лекарите.
Министерството соопшти дека до сите јавни здравствени установи веќе се испратени поединечни известувања со податоци од анализата, со цел подобро планирање на ресурсите и усогласување со европските практики.

