Борбата за зачувување на македонскиот јазик не е завршена и треба да продолжи пред меѓународните институции за човекови права, изјави денеска академик Живко Попов, претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), на годишното Собрание на Академијата.
Попов нагласи дека минатата година МАНУ остварила значајни резултати во научноистражувачката и уметничката дејност, додека за оваа година е предложена работна програма со 71 проект во различни области. Тој посебно го истакна одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, кој, според него, е официјализиран и внесен во светското семејство на литературни јазици.
„Официјализирањето на македонската азбука и стандарден јазик не е вештачка конструкција, туку логичен тек на историскиот континуитет. Борбата за негово зачувување продолжува, особено во соседните земји каде употребата е ограничена со меѓународните договори“, рече Попов. Тој додаде дека државните институции треба да вложат повеќе напори за имплементација на Законот за македонскиот јазик и за правилна употреба како официјален јазик за граѓаните.
Академикот посочи и на партизацијата на општеството како еден од најголемите проблеми, вклучувајќи ја јавната администрација и судскиот систем. „Партизацијата доведе до нефункционален правосуден систем и намалена доверба на граѓаните. Потребни се реформи кои ќе ја прилагодат правосудната и законодавната рамка на реалностите на земјата“, рече тој.
Попов исто така изрази загриженост за формирањето на четврти медицински факултет, оценувајќи дека тоа може да ја намали квалитетот на наставата и науката. Тој предложи обединување на клиниките во еден универзитетски клинички центар и нивно соединување со Медицинскиот факултет при УКИМ.
Во однос на евроинтегративните процеси, Попов рече дека тие се блокирани поради билатерални спорови со соседите, но дека стратегиските договори со САД и Обединетото Кралство можат да обезбедат поддршка. „Европската интеграција е единствената реална опција за земјата, а нашите стратешки партнери треба да помогнат во забрзување на процесот“, додаде тој.

