Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со претседателката на Лекарската комора, Калина Гривчева Старделова, денеска предупредија дека насилството врз здравствените работници претставува кривично дело за кое е предвидена казна затвор и дека секој напад треба веднаш да се пријави.
Изјавите беа дадени на прес-конференција по повод Европскиот ден за подигнување на свеста за насилството врз здравствените работници, на 12 март.
„За здравствениот систем е клучно вработените да се чувствуваат безбедно на своето работно место за да обезбедат соодветна грижа за пациентите. Измените во Кривичниот законик го класифицираат насилството врз здравствен работник како насилство врз службено лице и претставува кривично дело со казна затвор“, рече Алиу.
Проф. д-р Гривчева Старделова истакна дека над 70 отсто од докторите, според анкета од 2023 година, биле изложени на физичко или вербално насилство, при што 80 проценти пријавиле вербални напади, а 6,8 отсто физички. Таа додаде дека речиси 70 проценти од нападите не се пријавуваат, што го отежнува спроведувањето на законот.
„Напад врз здравствен работник не е прифатлив и не решава проблем. Нашиот здравствен систем има недостатоци, но тоа не оправдува насилство. Пациентите секогаш имаат можност да поднесат жалба до институциите“, рече Гривчева Старделова.
Психијатарот проф. д-р Карди Хаџихамза предупреди на психолошките и професионалните последици од насилството, вклучително стрес, анксиозност и прегорување, кои ги принудуваат дел од лекарите да размислуваат за напуштање на професијата или заминување во странство.
Алиу најави воведување паник-копчиња во здравствените установи поврзани со системот „Safe City“ за брзо алармирање при напади, како и подобрување на системот за термини и дигитална информираност за пациентите за да се намали фрустрацијата која понекогаш води кон насилство.
Според податоците од Лекарската комора, минатата година биле пријавени само три случаи на насилство врз здравствени работници, иако анкетите покажуваат дека над 70% од докторите во земјата се соочиле со насилство на работното место, претежно вербално.

