20.7 C
Скопје
23 јуни, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

ВЛЕН со порака од Приштина: Се движиме кон обединување во една политичка партија

„По Преказ, во конакот на Рифат, а потоа во Приштина кај премиерот Албин Курти. ВЛЕН – едно!“

Ова е објавата на социјалните мрежи што истовремено, но одделно, ја споделија синоќа лидерите на партиите што го сочинуваат ВЛЕН – Билал Касами, Изет Меџити, Беким Сали, Беким Ќоку и Латиф Арифи.

Пораката е јасна – ВЛЕН зборува со еден глас и дека наскоро ќе се спои во еден политички субјект.

Претставниците на албанската коалиција претходно реализираа посета на Косово, со застанувања во Преказ и во меморијалниот центар на семејството Јашари, која загина во нивните куќи во март 1998, борејќи се со српските безбедносни сили.

На крајот на вчерашниот ден претставници на ВЛЕН во Приштина се сретнаа со косовскиот премиер Албин Курти.

На фотографиите објавени од средбата се гледаат претставници на сите субјекти што биле дел од концептот ВЛЕН уште од неговото формирање како политичка коалиција пред парламентарните избори во 2024 година.

Доверливи извори велат дека на состанокот одржан синоќа меѓу лидерите и претставниците на составните групи било потврдено отсуството на Арбен Фетаи, додека неговата улога во процесот ја презел пратеникот Илир Демири.

Според истите извори, партијата Алтернатива го побарала местото генерален секретар. Се наведува дека страните постигнале договор оваа функција да ја извршува Беким Сали. Исто така се дискутирало и за организациски модел со двајца претседатели – Изет Меџити и Билал Касами – додека Илир Демири и Беким Ќоку се очекува да ги преземат функциите потпретседатели на партијата.

Претседателот на Движењето БЕСА, Касами, изјави за АЛСАТ дека пратеникот Илир Демири се очекува и формално да се приклучи на пратеничката група на ВЛЕН, додека се водат разговори и со други пратеници за проширување на групата.

„Она што веќе е познато во јавноста е дека пратеникот Илир Демири е дел од коалицијата ВЛЕН. Наскоро и во Собранието тој ќе биде дел од оваа политичка групација која е дел од владата. Од моментот кога ќе се разјасни структурата на ВЛЕН како политичка партија и организација, очекуваме проширување, бидејќи сме во разговори и со други пратеници, особено од албанскиот камп“, изјави Касами.

Според АЛСАТ, во рамките на процесот на трансформација на ВЛЕН во политичка партија се врши и преформулирање на програмата и организациските структури, вклучително и партискиот конгрес. Предложениот модел предвидува пропорционално претставување на сегашните субјекти, при што секоја групација би имала околу 20% од членовите во структурата.

ВЛЕН се очекува наскоро да именува и нов портпарол, кој ќе биде дел од другите партиски форуми и ќе ги адресира главните политички прашања на партијата.

Овие случувања доаѓаат во период кога премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, најави можност за реконструкција на владата во мај–јуни, додека на политичката сцена циркулираат неколку сценарија за можни промени во конфигурацијата на владејачката коалиција.

ВЛЕН беше формиран во пресрет на парламентарните избори во 2024 година, кога со поддршка на Курти се обединија сите ривали на ДУИ на Али Ахмети.

Related posts

Дали Косово ја губи подршката на САД и ЕУ?

admin

Мицкоски со последен мандат – кој ќе биде негов наследник?

admin

Минхенската безбедносна конференција во сенка на Трамп

admin

Независна кандидатура во Кочани: Економистот Зоран Тодоров влезе во трката за градоначалник

admin

Реконструкција на владата: Кои министри ќе бидат заменети?

admin

Мицкоски: Очекувам проевропски премиер во Бугарија, разочаран од нискиот одзив на гласачи од Македонија

admin