Иран нападна и запали целосно натоварен танкер со сурова нафта во водите кај Дубаи, додека американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека САД ќе ги „збришат“ иранските енергетски постројки и нафтени полиња ако Техеран наскоро не овозможи повторно отворање на Ормутскиот Теснец.
Властите во Дубаи соопштија дека интервентните тимови го ставиле под контрола инцидентот со кувајтскиот танкер и дека нема истекување на нафта, ниту повредени. Претходно, сопственикот на бродот предупреди на можна еколошка закана откако танкерот беше погоден и запален.
Нападот врз танкерот, кој според извештаите може да превезува околу 2 милиони барели нафта, е најнов во низата удари врз трговски бродови во Персискиот Залив и Ормутскиот Теснец откако САД и Израел ја интензивираа кампањата против Иран на 28 февруари.
Израелската војска, во меѓувреме, соопшти дека завршила „нов бран“ напади врз, како што наведе, инфраструктура на иранскиот режим во срцето на Техеран. Иранските медиуми јавија за експлозии во главниот град и прекини на струја во некои делови од градот.
Во Израел, медиумите објавија дека две ирански ракетни лансирања биле насочени кон централниот дел на земјата, но службите за итна помош не пријавиле повредени.
Турција, исто така, соопшти дека балистичка ракета лансирана од Иран влегла во турскиот воздушен простор пред да биде соборена од воздушната и ракетната одбрана на НАТО.
Во јужен Либан, израелската армија соопшти дека четворица нејзини војници загинале во борби со Хезболах, група поддржана од Иран. Одделно, три мировници на Обединетите нации од Индонезија загинаа во два одвоени инциденти во јужен Либан, по што Џакарта побара итна седница на Советот за безбедност на ОН и темелна истрага.
Индонезискиот министер за надворешни работи го осуди, како што рече, „грозоморниот напад“, додека генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш соопшти дека нападите врз мировници се сериозно прекршување на меѓународното хуманитарно право и можат да претставуваат воено злосторство.
Во поширокиот регион, министерството за одбрана на Саудиска Арабија соопшти дека во изминатите часови пресретнало и уништило 10 дронови и осум ракети насочени кон областа Ријад и источниот дел на земјата. Кувајт претходно јави дека неговата противвоздушна одбрана одговорила на непријателски ракетни и дронски напади, но ниту Ријад ниту Кувајт не наведоа од каде биле истрелани.
Во меѓувреме, два контејнерски брода на кинеската компанија Cosco успешно го минале Ормутскиот Теснец при излез од Заливот, покажуваат податоци за следење на пловидбата. Иран, според извештаите, практично го блокирал клучниот поморски премин, но дозволил ограничен број бродови да минуваат од земји што ги смета за „непријателски неутрални“ или „не-непријателски“.
Војната сè повеќе ги потресува глобалните пазари. Цените на нафтата се на пат кон рекорден месечен раст, додека азиските берзи бележат најостар пад од 2022 година. Во САД, просечната малопродажна цена на горивото ја надмина границата од 4 долари за галон за првпат по повеќе од три години.
Јапонскиот премиер Санае Такаичи во вторникот изјави дека Јапонија и Индонезија ќе ја засилат координацијата за енергетска безбедност, во време кога војната меѓу САД, Израел и Иран врши силен притисок врз снабдувањето со нафта и гас во Азија.
Францускиот претседател Емануел Макрон пристигнува во Јапонија во посета во која првично требаше да доминираат теми како нуклеарната енергија и вселенските иновации, но сега, според Елисејската палата, разговорите ќе бидат фокусирани врз кризата на Блискиот Исток.
Белата куќа соопшти дека разговорите со Иран напредуваат и дека Трамп сака договор со Техеран пред рокот 6 април, што самиот го постави минатата недела. Иран, пак, во понеделникот соопшти дека преку посредници добил американски мировни предлози, но ги оцени како „нереални, нелогични и претерани“.

