19.1 C
Скопје
14 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИРЕПУБЛИКА

Македонија усвојува национален план за справување со масовни жртви и прв национален протокол за изгореници

Министерот за здравство, Азир Алиу, во завршното обраќање на Меѓународната конференција „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година подоцна“, нагласи дека трагедијата во Кочани покажала дека брзата реакција не е доволна и дека е неопходен однапред подготвен и институционално усогласен систем на постапување.

На конференцијата, во организација на Министерството за здравство, учествуваа домашни и меѓународни експерти, институции и здравствени работници, со цел размена на искуства и унапредување на системскиот одговор при вакви ситуации.

„Наш приоритет беше научените лекции да ги преточиме во конкретни, одржливи и применливи механизми“, рече Алиу.

На последната владина седница е усвоен првиот Национален план за справување со масовни жртви, кој ја усогласува националната практика со препораките на Светската здравствена организација, Европскиот механизам за цивилна заштита, стандардите на НАТО и меѓународните здравствени регулативи. Планот има за цел да го намали бројот на смртни случаи, да ја зголеми преживеаноста, да ја подобри координацијата меѓу институциите и да овозможи побрз одговор при масовни инциденти.

„Планот претставува институционална и оперативна алатка за рационална распределба на ограничените ресурси, подобра меѓуинституционална комуникација и поефикасен одговор. Тој е основа за редовни обуки, симулациски вежби и континуирано унапредување на подготвеноста“, рече Алиу.

Министерот исто така презентираше и првиот национален протокол за третман на изгореници, кој поставува стандарди за проценка, тријажа, транспорт, интензивно лекување, хируршки интервенции и рехабилитација. „Протоколот е развиен од мултидисциплинарна работна група која ги анализираше европските и американските водичи и ги прилагоди на националните услови“, додаде Алиу.

Алиу информираше дека се започнал процес на модернизација на Итната медицинска помош, воведување на профилот парамедик и лиценцирање на EMT Type 1 тимови според меѓународни стандарди, создавајќи нов оперативен капацитет за брз и структуриран медицински одговор при кризи. Владата за оваа година обезбеди 100 нови возила за Итната медицинска помош, со проектна вредност од околу 7,5 милиони евра, што ќе значи значително зајакнување на капацитетите на службата.

Говорници на завршната сесија беа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и министерот Азир Алиу, кои истакнаа дека научените лекции од трагедијата во Кочани се основа за создавање на одржлив и функционален национален систем за справување со масовни жртви.

Инаку, во рамки на конференцијата се одржаа три панели.

Првиот панел беше насловен „Европскиот механизам за цивилна заштита и меѓународниот одговор: координација, солидарност и искуства“. Панелот ја потврди важноста на навремената координација, меѓународната солидарност и институционалната подготвеност при справување со масовни жртви.

Вториот панел со наслов „Национален и меѓународен здравствен одговор и акутен третман на изгорениците“ го имаше фокусот на тријажата, итниот медицински одговор и координацијата меѓу клиниките, со посебен акцент на мултидисциплинарниот пристап и навремената интервенција.

На третиот панел – „Мултидисциплинарен пристап, рехабилитација и опоравување“, беше дискутирано за важноста на координираната соработка меѓу различните медицински дисциплини и институции во процесот на закрепнување, вклучувајќи рехабилитација, психолошка поддршка и долгорочно следење на пациентите.

Related posts

Министрите од регионот потпишаа заеднича изјава за борба против корупцијата

admin

Европа мора да размислува како Кина ако сака да преживее во ерата на хаос

admin

Од училници до редакции: како кинеската „мека моќ“ делува во Северна Македонија

admin

Шпионажа, дрога и насилство: Талески тврди дека безбедносниот систем е во целосен распад

admin

Експлозив кај гасовод меѓу Србија и Унгарија – Орбан свика итен состанок

admin

Ахмети, сепак, ќе учествува на лидерската средба свикана од Мицкоски

admin