21 C
Скопје
14 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИРЕПУБЛИКА

Од сојузници до непријатели: Мицкоски откри што мисли за Таравари

Премиерот Христијан Мицкоски во петокот остро го нападна поранешниот коалициски партнер Арбен Таравари, откако лидерот на едното крило на Алијанса за Албанците оцени дека коалицијата ВЛЕН во Владата е сведена на „декор“ и дека албанските претставници во извршната власт се маргинализирани.

Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за изјавите на Таравари дадени во емисијата „Вин-Вин“ на Телма, рече дека не може да се изначуди на неговите настапи по заминувањето од Владата и го обвини дека во јавноста изнесува тврдења што, според него, „немаат апсолутно никаква врска со реалноста“.

„Сè уште не можам да му се изначудам на господинот Таравари, кој тагува за ‘Ѓока’-бизнисот, кој не му успеа, и во јавноста измислува работи што немаат апсолутно никаква врска со реалноста“, рече премиерот.

Тој додаде дека односите во Владата со актуелните партнери се „исклучително принципиелни“, за разлика, како што наведе, од односите што претходно ги имале со Таравари, кои ги опиша како „исклучително вовлекувачки од негова страна“.

Мицкоски понатаму сугерираше дека Таравари сега истиот пристап го применува кон неговиот нов политички партнер, алудирајќи на Демократската унија за интеграција и нејзиниот лидер Али Ахмети.

„Така што, претпоставувам дека тој принцип на вовлекување, кој го применуваше кон мене, сега го применува кон неговиот нов коалициски партнер, а тоа е ДУИ. Тогаш во комуникацијата со мене жестоко ги критикуваше, сега претпоставувам во комуникацијата, за да се вовлече што повеќе кај Али Ахмети, ме критикува мене“, рече Мицкоски.

Изјавата уследи откако Таравари во телевизиско интервју ја опиша позицијата на ВЛЕН во Владата како целосно ослабена и оцени дека коалицијата, иако била формирана со амбиција да донесе промени кај албанскиот политички блок и да ја оттурне ДУИ во опозиција, не успеала да обезбеди реално влијание во извршната власт.

Според Таравари, коалицијата на почетокот на 2024 година им ветила на Албанците промени, меритократија, подобри институции и придвижување на државата кон Европската унија. Тој рече дека првичната цел – ДУИ да замине во опозиција – била исполнета со освоени 107.000 гласа, но дека по десет месеци владеење ветената трансформација изостанала.

„Констатиравме дека ние сме само кловнови во Владата или кукли кои се тотално маргинализирани“, рече Таравари, додавајќи дека поголем дел од директорите предложени од ВЛЕН зависеле од заменик-директорите и немале вистинска моќ во институциите.

Тој оцени дека ВЛЕН е „само декор во Владата, колку да се каже дека има албански претставници во власта“, без суштинско влијание врз одлуките.

Таравари го обвини Мицкоски дека свесно го ослабува албанското политичко влијание во државата и рече дека денес ВЛЕН има послаба позиција отколку на почетокот од мандатот. Според него, тоа создава фрустрации кај граѓаните, особено кај Албанците, и придонесува за чувство на маргинализација кај вработените Албанци во институциите.

Тој, исто така, кажа дека внатрешната несинхронизираност во самата коалиција била главна причина за излегувањето од власта, признавајќи дека секоја од партиите во ВЛЕН барала позиции за сопствени кадри.

„Така е кога ад хок правите коалиција со една цел да донесеме промени и немаш договор како ќе се функционира ден после тоа“, рече Таравари.

Лидерот на Алијанса за Албанците додаде дека договорот меѓу ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ предвидувал уставни измени и напредок во евроинтеграциите во рок од шест месеци, како и економски развој и борба против корупцијата, но според него ништо од тоа досега не било реализирано.

„Јас карактерно не можам да бидам кукла во една влада. Да бидеш дел од систем којшто е нефункционален е идиотизам“, рече Таравари, образложувајќи ја одлуката да се повлече од извршната власт.

Неговото крило на Алијанса за Албанците беше дел од владината коалиција до мај минатата година, кога на вонредно собрание на партијата била донесена одлука за напуштање на Владата. Таравари потоа најави дека на локалните избори во октомври ќе соработува и со ДУИ и со ВЛЕН, што дополнително ги подгреа шпекулациите за можни нови прегрупирања на албанската политичка сцена.

Во истото интервју, Таравари се осврна и на случајот со поранешниот вицепремиер Артан Груби, велејќи дека нема информации за, како што рече, медиумските наводи поврзани со „преминот од бегство на граница до домашен притвор“, но додаде дека мисли оти „имало одреден договор“ тој да се врати и да не остане во притвор. За таквите тврдења не понуди докази.

Таравари истовремено ги отфрли наводите дека е „човек на Али Ахмети“, велејќи дека неговата партија се развива самостојно и дека нема врска со други политички субјекти.

Иако Мицкоски инсистира дека односите со сегашните партнери се принципиелни и стабилни, критиките на Таравари отвораат прашања за реалната распределба на влијанието во Владата, за спроведувањето на коалициските договори и за тоа дали ВЛЕН останува политички фактор со автономна тежина или формален дел од власта без суштинска моќ.

 

Related posts

САД се повлекуваат од Европа? Нови изјави на Трамп

admin

Мицкоски и Филипче одржаа средба за политичка соработка и реформска агенда

admin

Ненадејни прекини на електричната енергија го вратија фокусот врз улогата на ЕВН

admin

Четири милиони евра за Канје Вест ја запалија политичката сцена во Албанија

admin

Нови избори во 11 јануари

admin

ДРЖАВНИОТ АРХИВ ПРОПАЃА ПО СЕКОЈ ПОРОЕН ДОЖД

ninja