Европските лидери се согласија да ја забрзаат подготовката на мултинационална мисија за обезбедување на Ормускиот теснец, клучна рута за глобалната енергетска трговија, и покрај сигналите од Вашингтон дека не ја поддржува иницијативата.
Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, како и премиерите на Италија и Обединетото Кралство, Џорџа Мелони и Кир Стармер, најавија дека ќе ја предводат, како што ја нарекоа, „одбранбена“ мисија за обезбедување слобода на пловидба низ теснецот.
„Се договоривме да го забрзаме военото планирање. Франција и Обединетото Кралство ќе ја предводат мултинационалната мисија веднаш штом условите го дозволат тоа“, изјави Стармер, додавајќи дека деталите ќе бидат разгледани на конференција во Лондон следната недела.
Ормускиот теснец, низ кој поминува околу една петтина од светската нафта и течен природен гас, беше затворен во последните недели поради ескалацијата на конфликтот со Иран, што предизвика сериозни нарушувања на пазарите.
Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп јавно се спротивстави на европската иницијатива, порачувајќи дека САД не им е потребна помош од сојузниците.
„Им реков да се држат настрана“, напиша Трамп, оценувајќи ги сојузниците како „непотребни“ во контекст на обезбедувањето на регионот.
Изјавата доаѓа во услови на зголемено незадоволство во Вашингтон од дел од европските партнери, кои не ги поддржаа американско-израелските напади врз Иран.
Европските лидери нагласија дека нивната мисија ќе биде активирана по стабилизирањето на ситуацијата и дека има за цел да обезбеди непречен проток на трговијата, без дополнителни ограничувања.
Италија понуди да распореди воени бродови, додека Германија најави можен придонес со миноловци.
Сепак, остануваат несогласувања околу улогата на САД во потенцијалната мисија. Германија изрази подготвеност за американско учество, додека Франција инсистира мисијата да биде неутрална и независна од директно вклучените страни во конфликтот.
„Развојот на настаните е охрабрувачки, но мора да се пристапи со претпазливост“, изјави Макрон.
Аналитичарите оценуваат дека иницијативата ја покажува амбицијата на Европа да преземе поголема улога во глобалната безбедност и енергетската стабилност, но предупредуваат дека разликите со САД може да ја отежнат координацијата во клучен геополитички момент.

