Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата ги информирала сојузниците во НАТО и партнерите во Европската Унија за, како што рече, обид на опозицијата да предизвика дестабилизација за време на протестот на студентите кои бараат правосудниот испит да се полага и на албански јазик.
Мицкоски рече дека присуството на опозициски активисти и функционери на протестот му дало политичка конотација на настанот и додаде дека, според него, таквиот пристап не наишол на одобрување кај меѓународните партнери.
Во однос на барањата на студентите, премиерот изјави дека Владата ќе бара решение што ќе биде во согласност со Уставот и со меѓународните стандарди. Тој наведе дека Законот за употреба на јазиците е оспорен пред Уставниот суд во делот што се однесува на правосудството и дека, според него, постои негативно мислење од Венецијанската комисија за двојазичноста во судството.
Мицкоски рече дека е формирана комисија од експерти по уставно право која треба да предложи можно решение за ова прашање.
Протестот предизвика остри реакции и во албанскиот политички блок. Од ДУИ соопштија дека барањето за полагање на правосудниот испит на албански јазик не е ново и дека станува збор за право што веќе е гарантирано со закон. Потпретседателот на партијата Бујар Османи изјави дека ги информирал меѓународните претставници оти Владата ја искривува природата на протестите и создава погрешна слика за состојбата во земјата.
Од коалицијата ВЛЕН, пак, возвратија дека токму ДУИ сноси одговорност за тоа што ова прашање не било решено во изминатите две децении, иако, како што наведоа, во Министерството за правда имало повеќе министри Албанци од редовите на таа партија.
Првиот вицепремиер Беким Сали изјави дека барањето на студентите ќе биде исполнето, додека Министерството за правда оцени дека протестот бил обид за манипулација од политички структури кои, според нив, со години учествувале во создавањето на проблемите во правосудниот систем.
Од СДСМ порачаа дека мора да се најде решение што ќе овозможи почитување на основните права во согласност со законот, но истовремено ја обвинија Владата дека токму таа е главен извор на новите поделби.
Според официјалните податоци што ги цитираа медиумите, во изминатите пет години од вкупно 881 кандидат за полагање на правосудниот испит, 232 биле Албанци.

