21 C
Скопје
14 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Тетово домаќин на Унијата на албански општини, фокус на регионална соработка и ЕУ интеграции

Тетово беше домаќин на состанок на Унијата на албански општини во регионот, на кој присуствуваа претставници од општини од албанското говорно подрачје во Западен Балкан.

Според градоначалникот Билал Касами, состанокот ја одразува консолидацијата на унијата, која опфаќа градови од Албанија, Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Прешевската Долина, како и арберешките општини во Италија.

На Генералното собрание биле разгледани приоритетите за 2026 година, како и среднорочната стратегија за периодот 2027–2028, со акцент на зајакнување на регионалната соработка.

„Посебен фокус беше ставен на приближувањето на градовите кон процесот на интеграција во Европската унија, зголемување на капацитетите за привлекување фондови и имплементација на прекугранични проекти финансирани од ЕУ, како и промоција на културното наследство, туризмот и одржливиот развој“, наведе Касами.

Градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, кој исто така информираше за средбата преку социјалните мрежи, изјави дека претставници од повеќе општини, вклучително Призрен, Тузи, Ѓаковица, Гостивар, Бујановац, Врапчиште, Вучитрн, Пеќ и Прешево, учествувале на состанокот.

Тој оцени дека средбата претставува чекор кон поголема координација и размена на искуства, со цел претворање на меѓуопштинската соработка во конкретни заеднички активности.

„Се фокусиравме на проекти што треба да започнат во втората половина од 2026 година, како и на можностите за финансирање од европските фондови, зајакнување на институционалните врски и подобрување на координацијата меѓу општините“, наведе Меџити.

Тој додаде дека на состанокот биле разгледани и иницијативи за економски развој, туризам, социјални проекти и инфраструктура, како и значењето на децентрализацијата како клучен фактор за локален развој.

„Општините треба да имаат повеќе надлежности и простор за дејствување, со цел да креираат ефективни политики и да обезбедат развој за граѓаните“, рече Меџити.

Related posts

Апелациониот суд Гостивар со финансиски и административни недостатоци, покажува државната ревизија

admin

Каде е добрата волја во формулата за добрососедски односи?

admin

Северна Македонија останува „делумно слободна“ земја во извештајот на „Фридом хаус“

admin

Има ли „кочница“ за банкарските провизии при плаќање сметки?

admin

Мировната дипломатија на Трамп погодена од израелскиот напад врз Иран

admin

Убиство во скопско Бојане: татко сам го пријавил 19-годишниот син

admin