Американскиот претседател Доналд Трамп изрази уверување дека наскоро може да биде постигнат договор за завршување на војната со Иран и порача дека проиранскиот Хезболах треба да го поддржи 10-дневното примирје меѓу Израел и Либан, што стапи во сила на полноќ.
Трамп рече дека е можно да биде продолжено и двонеделното примирје со Иран, иако, според него, тоа можеби нема да биде потребно.
„Ќе видиме што ќе се случи, но мислам дека сме многу блиску до договор со Иран“, им изјави тој на новинарите, додавајќи дека, ако спогодбата биде потпишана во пакистанската престолнина Исламабад, би можел лично да отпатува таму.
Американско-израелските напади врз Иран, кои почнаа на 28 февруари, однесоа илјадници животи и создадоа политички притисок врз Трамп во САД, само неколку месеци пред важните избори на средина на мандатот.
Конфликтот го предизвика и најсилниот ценовен шок на нафтата досега, при што Меѓународниот монетарен фонд ја намали прогнозата за светската економија и предупреди дека продолжена војна може да ја турне кон рецесија.
Министрите за финансии на Г7 во четвртокот оценија дека постои итна потреба од траен мир за да се ограничат економските последици.
Според пакистански извор вклучен во посредувањето меѓу САД и Иран, во задкулисната дипломатија е постигнат напредок и претстојната средба меѓу двете страни би можела да резултира со потпишување меморандум за разбирање, по што би следел сеопфатен договор во рок од 60 дена.
„Двете страни во принцип се согласуваат. Техничките детали ќе дојдат подоцна“, изјави изворот, барајќи анонимност.
Дипломатски извор рече дека клучниот пакистански посредник, началникот на армијата Асим Мунир, од средата води разговори во Техеран и дека е постигнат пробив околу најтешките прашања.
Меѓу нив е и иранската нуклеарна програма. На разговорите минатиот викенд, САД предложиле 20-годишна суспензија на сите ирански нуклеарни активности, додека Техеран понудил прекин од три до пет години, според извори запознаени со предлозите.
Иран бара укинување на меѓународните санкции, а Вашингтон инсистира високо збогатениот ураниум да биде отстранет од земјата. Два ирански извори изјавиле дека има знаци за можен компромис околу тие резерви, при што Техеран разгледува дел од нив да ги испрати надвор од земјата.
Надежите за договор во петокот ги спуштија цените на нафтата, додека азиските берзи се движеа кон втора недела силен раст, иако Ормускиот Теснец, низ кој минува околу една петтина од светската нафта и гас, останува фактички затворен.
Фјучерсите за суровата нафта Брент паднаа на 98,53 долари за барел, додека американската WTI се спушти на 93,59 долари.
Франција и Британија во петок ќе претседаваат со состанок на околу 40 земји, со цел да ѝ сигнализираат на Америка дека дел од нејзините најблиски сојузници се подготвени да помогнат за обновување на слободата на пловидба низ Ормускиот Теснец кога условите ќе го дозволат тоа.
Иран во голема мера го затвори теснецот за бродови освен за своите, додека Вашингтон оваа недела воведе блокада за бродови што влегуваат или излегуваат од иранските пристаништа. Аналитичарите велат дека блокадата може да спречи околу два милиони барели иранска нафта дневно да стигнат до Кина, нејзиниот главен купувач.
Од почетокот на војната низ теснецот минуваат само по неколку бродови, во споредба со повеќе од 130 дневно пред конфликтот.
Во Либан, пукање во воздух и огномет го одбележаа почетокот на примирјето. Трамп рече дека разговарал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и либанскиот претседател Жозеф Аун и дека планира да ги покани во Белата куќа на „суштински разговори“ во следната недела или две.
Судирите меѓу Израел и Хезболах повторно ескалираа по американско-израелската војна со Иран. Хезболах отвори оган на 2 март во поддршка на Техеран, по што следеше израелска офанзива во Либан во која, според властите, загинале околу 2.000 луѓе, 15 месеци по нивниот последен голем конфликт.
Трамп го повика Хезболах да го почитува примирјето.
Раселените жители во Либан во петок почнаа да се враќаат дома за да проверат дали нивните куќи сè уште стојат, иако дел од нив ги држеа семејствата подалеку, стравувајќи дека примирјето може брзо да пропадне.
На патот кон јужниот град Набатије купишта урнатини ги означуваа местата каде што некогаш имало згради. Некои жители што се враќаа рекоа дека ќе останат, додека други оценија дека немаат на што да се вратат.
„Има разурнување и не може да се живее. Не може да се живее. Ги земаме работите и повторно си заминуваме“, рече Фадел Бадредин, кој дошол со сопругата и малиот син. „Дај Боже ова да заврши засекогаш.“

