Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека Движењето ЗНАМ „според анкетите практично веќе не постои“, отфрлајќи ги обвинувањата на партијата за внатрешен раскол во редовите на социјалдемократите.
„Станува збор за група на екс-членови на СДСМ кои, за жал, за свои сопствени финансиски и лични интереси ја поделија партијата“, рече Филипче.
Тој додаде дека ЗНАМ давала „лажни ветувања“ дека ќе биде контролор на власта, но оцени дека наместо тоа функционира како „приврзок на ВМРО-ДПМНЕ“.
Филипче негираше дека во СДСМ постои разединетост, нагласувајќи дека партијата ја напушта само работната група за Изборниот законик, но не и Собранието.
Изјавите доаѓаат откако од ЗНАМ претходно обвинија за, како што наведоа, сериозна некоординираност и спротивставени пораки од СДСМ во врска со измените на Законот за Влада и односот кон парламентарната работа.

