Коалицијата ВЛЕН со остри реакции одговори на обвинувањата на ДУИ и на поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, во врска со наводно српско влијание во Владата.
Од ВЛЕН соопштија дека ДУИ е „последната партија што може да зборува за српско влијание“, обвинувајќи ја дека токму таа го донела проектот „Отворен Балкан“ во Северна Македонија.
„Тоа беше проект што му служеше на Александар Вучиќ, ја заобиколуваше Косово и се обидуваше српската доминација во регионот да ја претстави како економска соработка“, наведуваат од ВЛЕН.
Коалицијата тврди дека лицето Владимир Стајиќ, кое според нив се поврзува со организацијата на вчерашниот собир за подршка на Вучиќ во Куманово, е близок со Бујар Османи.
„Наместо политички циркус со обвинувања кон ВЛЕН, ДУИ нека одговори јавно какви врски има со Владимир Стајиќ и што бара кругот околу ДУИ близу организаторите на просрпски собири“, се наведува во реакцијата.
Од ВЛЕН додаваат дека не прифаќаат „лекции за патриотизам“ од партија која, како што велат, „патриотизмот го претворила во семеен бизнис“.
„Кога се на власт прават договори, кога ќе ја изгубат власта викаат дека е загрозено албанството“, стои во соопштението.
Коалицијата нагласува дека е против какво било српско влијание и против, како што велат, обиди Северна Македонија да се оттурне од евроатлантскиот пат.
На темата српско влијание во Македонија, следуваше реакција на Бујар Османи, кој побара итно разјаснување на информациите дека вицепремиерот Иван Стоилковиќ наводно соработувал со српските разузнавачки служби.
„Ако овие тврдења се покажат како точни, тоа би значело дека информации и внатрешни процеси на една НАТО влада можеле да бидат изложени на држава која не е членка на НАТО и има блиски односи со Русија“, напиша Османи.
Тој оцени дека станува збор за прашање на национална безбедност, институционален интегритет и доверба во евроатлантската алијанса.
Османи побара институциите итно, транспарентно и професионално да ги разгледаат овие наводи.

