Тензиите меѓу САД и Иран повторно ескалираа откако двете страни разменија оган во Ормутскиот теснец, но американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека примирјето и понатаму останува во сила.
Иранската воена команда соопшти дека САД нападнале ирански танкер и уште еден брод кој се приближувал кон Ормутскиот теснец, како и неколку крајбрежни области.
Според Техеран, американските воздушни напади ги погодиле крајбрежните зони Бандар Кхамир, Сирик и островот Кешм.
Иран соопшти дека веднаш возвратил со напади врз американски воени бродови, нанесувајќи „значителна штета“, и ја обвинил американската страна за прекршување на примирјето.
Од друга страна, американската Централна команда (CENTCOM) соопшти дека иранските сили извршиле „неиспровоцирани“ напади со ракети, дронови и мали пловни објекти врз американски разурнувачи во Ормутскиот теснец.
Вашингтон тврди дека возвратил со „самоодбранбени напади“ врз ирански ракетни и дронски позиции, командни центри и објекти за надзор и разузнавање.
„CENTCOM не бара ескалација, но останува подготвен да ги заштити американските сили“, се наведува во соопштението.
Трамп на својата мрежа Truth Social напиша дека американските сили уништиле повеќе мали ирански пловни објекти.
„Како што ги оттурнавме денес, ќе ги оттурнеме уште посилно и пожестоко во иднина ако не го потпишат договорот брзо“, порача Трамп.
И покрај новите судири, американскиот претседател повтори дека очекува војната „брзо да заврши“ и дека преговорите за мировен договор продолжуваат.
Според Axios, Белата куќа се надева на договор во форма на меморандум од 14 точки кој би отворил пат за подетални нуклеарни преговори со Техеран.
Во меѓувреме, портпарол на иранскиот парламент предупреди дека Иран „го држи прстот на чкрапалото“ и ќе одговори жестоко доколку САД не ги прифатат неговите услови.
Дополнителна загриженост предизвика и соопштението од Обединетите Арапски Емирати, чие Министерство за одбрана објави дека воздушната одбрана пресретнува ирански ракетен и дронски напад.
Израелски извор за BBC изјавил дека Израел не бил вклучен во најновите напади.

