Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска ги отфрли обвинувањата на СДСМ дека незаконски постапил при свикување продолжение на седницата на Комисијата за финансирање и буџет.
Реакцијата доаѓа откако претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави интерпелација и кривична пријава против Гаши, обвинувајќи го за кршење на Деловникот на Собранието.
Од кабинетот на Гаши соопштија дека неговото постапување било целосно во согласност со Деловникот и во рамки на уставните и деловничките надлежности.
Според објаснувањето, претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Сања Лукаревска, на 18 мај ја свикала 64. седница за 19 мај. Седницата почнала, дневниот ред бил утврден, потоа била прекината.
Повеќе од една третина од членовите на Комисијата на 20 мај доставиле барање до Лукаревска за продолжување на седницата во деловнички рокови. Продолжението не било свикано.
Група пратеници потоа доставиле барање до претседателот на Собранието, Африм Гаши, да го свика продолжението на седницата. Гаши на 21 мај го свикал продолжението, повикувајќи се на член 126 став 3 од Деловникот.
„Станува збор за постапување кое не претставува политичка волја или произволна интервенција, туку исклучиво примена на јасно утврдени деловнички одредби“, се наведува во реакцијата од кабинетот на Гаши.
Од кабинетот додаваат дека Собранието не смее да биде предмет на дневно-политички конструкции и неосновани обвинувања.
ВЛЕН застана зад Африм Гаши, оценувајќи дека претседателот на Собранието презел мерки за да спречи блокирање на институциите.
Од коалицијата обвинија дека СДСМ користи методи слични на ДУИ и дека создава политички тензии за да ја врати изгубената доверба кај граѓаните.
„ВЛЕН нема да дозволи опструкции на државата поради кои ќе страдаат граѓаните“, соопштија од коалицијата.
ВЛЕН ја праша СДСМ дали станува „второто лице на ДУИ“, обвинувајќи ја опозицијата дека се обидува да ја блокира работата на државата бидејќи не е на власт.

