Најмалку 15 лица се повредени, а илјадници граѓани побарале помош откако силно невреме попладнево го зафати Скопје, предизвикувајќи оштетувања на објекти, паднати дрвја и откорнати делови од покриви.
На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедија, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) биле згрижени девет пациенти. Директорот на клиниката, Игор Мерџаноски, изјави дека две лица се здобиле со потешки повреди – една жена со повреда на главата е префрлена на Клиниката за неврохирургија, а друга пациентка има скршеница на раката.
Во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ биле примени уште шест лица со посекотини и набиеници. Директорот на болницата, Небојша Настов, изјави дека тројца пациенти по укажаната помош биле пуштени на домашно лекување, додека тројца останале на дополнителни испитувања.
„Сите се во стабилна состојба. Еден пациент е повреден од паднато дрво, друг од лим откорнат од покрив, а трет од паднати керамиди“, рече Настов.
Иако во Градската општа болница „8 Септември“ не биле примени повредени од невремето, објектот претрпел значителна материјална штета. Според директорот Синиша Стојаноски, најголеми оштетувања има на покривот и покривната конструкција.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопштија дека од 17 до 21 часот на бројот за итни случаи 112 биле регистрирани повеќе од 8.300 повици. Поради големиот обем на пријави биле активирани дополнителни операторски смени.
„Сите пријави континуирано се обработуваат и се проследуваат до надлежните институции. Граѓаните можат и утре да пријавуваат материјална штета“, изјави директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Управата за хидрометеоролошки работи предупреди дека нестабилната воздушна маса што се движи од Албанија и Косово кон Северна Македонија може да донесе нов бран врнежи во текот на ноќта. Според прогнозата, се очекува дождот да биде поинтензивен, но ветерот да биде послаб од оној што предизвика големи штети попладнево.

