Зајакнувањето на економските врски, новите инвестиции и зголемувањето на трговската размена беа во фокусот на Македонско-индискиот бизнис форум во Скопје, на кој се обратија претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, и претседателката на Индија, Друпади Мурму.
Сиљановска-Давкова оцени дека актуелната трговска размена меѓу двете земји, која изнесува помалку од 133 милиони американски долари годишно, не го одразува нивото на политичките односи и потенцијалот за економска соработка.
„Нашата цел е во следните пет години трговската размена да достигне најмалку 400 милиони американски долари“, рече таа.
Според претседателката, најголем потенцијал за соработка постои во автомобилската индустрија, фармацијата, металургијата, прехранбената индустрија, дигиталните технологии и енергетиката.
Таа истакна дека стратешка цел на Северна Македонија останува членството во Европската Унија и дека инвеститорите во земјата добиваат пристап до европскиот пазар.
Претседателката на Индија, Друпади Мурму, оцени дека економското партнерство меѓу двете држави има значителен неискористен потенцијал.
Таа рече дека Индија извезува органски хемикалии, електрична опрема и текстил во Северна Македонија, додека од земјата увезува висококвалитетен мермер.
Мурму најави можности за заеднички инвестиции во дигиталната трансформација, вештачката интелигенција, фармацевтската индустрија, здравството, земјоделството, производството на храна и зелените технологии.
„Нашиот фармацевтски сектор има интерес да инвестира во Северна Македонија преку воспоставување заеднички производствени капацитети“, изјави таа.
Таа ја покани Северна Македонија да се приклучи на Меѓународната соларна алијанса и да ги искористи можностите за соработка во обновливите извори на енергија.
Претседателот на индиското Здружение на трговски и индустриски комори (ASSOCHAM), Нирмал Кумар Минда, оцени дека Северна Македонија нуди стратешка географска позиција, квалификувана работна сила и пристап до европскиот пазар.
Според него, најголеми можности за партнерство постојат во производството, фармацевтската индустрија, здравството, земјоделството, прехранбената индустрија и иновациите.
На форумот учествуваа министри од македонската влада, како и претставници на стопанските комори и бизнис-заедниците од Северна Македонија и Индија.

