Нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ ја прошири својата база на Меѓународниот аеродром „Скопје“ со седми авион, со што ќе се зголемат фреквенциите на постојните линии и ќе се зајакне воздушната поврзаност на Северна Македонија.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски оцени дека станува збор за значаен чекор во развојот на македонското воздухопловство.
„‘Визер‘ ја проширува својата база во Скопје со седми авион. Ова е големо достигнување и нешто со што не можат да се пофалат ниту многу национални авиокомпании. Затоа често велам дека ‘Визер‘ практично стана национален авиопревозник на Македонија“, рече Николоски.
Тој посочи дека авиокомпанијата минатата година превезла 1,7 милиони патници, а во првите шест месеци од годинава веќе 1,2 милиони.
Според Николоски, аеродромите во Скопје и Охрид во првата половина од годинава опслужиле повеќе од два милиони патници, поради што се очекува до крајот на годината таа бројка да достигне четири милиони.
Тој потсети дека неодамна беа воведени новите линии до Алгеро и Палермо, а најави и летови од Вроцлав и Катовице до Охрид.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, изјави дека седмиот авион претставува потврда на довербата во македонскиот пазар и во партнерството со „Визер“.
„Овој седми авион е многу повеќе од оперативна одлука. Тој е потврда за довербата во нашиот пазар и во партнерството што го градиме со ‘Визер‘, но и сигнал за доверба во иднината на македонскиот воздухопловен сектор“, рече Курт.
Тој додаде дека дополнителниот авион ќе овозможи повеќе летови, нови дестинации и поголем избор за патниците, со позитивни ефекти врз туризмот, транспортот, угостителството и трговијата.
Според ТАВ Македонија, аеродромите во Скопје и Охрид во првите шест месеци од годинава опслужиле речиси два милиони патници и реализирале повеќе од 13.000 летови, што претставува раст од 28 проценти на патничкиот сообраќај и 7,6 проценти на бројот на летови во однос на истиот период лани.
Офицерот за развој на авиолинии во „Визер“, Андраш Сабо, рече дека компанијата продолжува да го проширува своето присуство во Северна Македонија.
„Пред помалку од една година го најавивме шестиот авион, а денес го потврдуваме и седмиот, што значи уште повеќе летови и уште повеќе можности за Македонија“, изјави Сабо.
Со новиот авион се воведуваат дополнителни фреквенции на постојните линии кон Берлин, Дортмунд и Малме, како и на новите линии до Алгеро и Палермо. Во изминатата година „Визер“ отвори повеќе од 15 нови линии кон и од Северна Македонија, меѓу кои се летовите Катовице – Охрид, Вроцлав – Охрид и Милано – Охрид, додека летната програма вклучува и нови дестинации од Скопје кон Мадрид, Стокхолм, Ларнака, Неапол и Бари.

