Премиерот Христијан Мицкоски остро реагираше на изјавата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој рече дека не гледа дека Бугарија го негира македонскиот идентитет.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека Филипче „не успева да види што се случува од 2022 година па наваму“, додавајќи дека, според него, претходната влада направила „историска капитулација“.
„Претпоставувам дека претседателот на СДСМ сè уште ужива во оние забави во Дубаи… и занесен од сето тоа, а богами и заслепен, не успева да види ниту да слушне што се случува од 2022 година па наваму“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека СДСМ, според него, „одлучила да коленичи на туѓите интереси“, наместо да застане зад, како што рече, одбраната на националните интереси.
Мицкоски најави дека на следните избори, како што изјави, партијата на Филипче ќе биде маргинализирана, додавајќи дека очекува „нови луѓе кои ќе се борат за државата“.
Претходно, Филипче изјави дека „не сме чуле никаде од Бугарија дека го негира нашиот идентитет“ и дека владите предводени од СДСМ не презеле чекори што ја загрозуваат иднината на државата.
Различните позиции за односите со Бугарија и прашањата за идентитетот остануваат меѓу клучните теми во политичката дебата во земјата.

