30.1 C
Скопје
23 јуни, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Од диплома до невработеност: Зошто образованието не го следи пазарот?

Северна Македонија сѐ уште нема јасна стратегија за усогласување на високото образование со потребите на пазарот на трудот, што резултира со вишок дипломци во одредени области и недостиг од стручен кадар во други, оценија учесниците на панел-дискусија во Скопје.

На настанот „Од диплома до вработување – како високото образование да одговори на барањата на економијата“, организиран од Балканскиот институт за регионална соработка (БИРС), Форумот за разумни политики и Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје, претставници на институциите, академската заедница, бизнис секторот и граѓанското општество предупредија дека постои значителен јаз меѓу образовниот систем и реалните потреби на економијата.

 

Заменик-министерот за образование и наука Дритон Сулејмани изјави дека е неопходно студиските програми да се креираат врз основа на детални анализи на пазарот на трудот и на развојните потреби на државата.

„Имаме студиски програми во кои постои суфицит на кадри, а во други дефицит. Тоа мора да се регулира преку студиски програми што ќе се темелат на анализа на пазарот на трудот, за да видиме какви кадри ѝ се потребни на државата и што треба да произведуваме во иднина“, рече Сулејмани.

Според него, образовниот систем мора да стане пофлексибилен и побрзо да реагира на промените во економијата, особено во услови на дигитална трансформација и зголемена побарувачка за нови професии.

Учесниците на дебатата оценија дека сегашниот модел на образование често произведува кадар кој тешко наоѓа соодветно вработување, додека работодавачите во повеќе сектори се соочуваат со недостиг од квалификувани работници.

Марјан Бојаџиев од Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје и потпретседател на Стопанската комора на Македонија рече дека земјата сериозно заостанува во областа на иновациите и технолошкиот развој.

„Мораме да создадеме економија базирана на иновации ако сакаме да одиме напред, а ние сериозно заостануваме“, изјави Бојаџиев.

Тој посочи дека бројот на патенти, иновации и истражувачки проекти останува далеку под нивото на земјите со кои Македонија се споредува во процесот на европска интеграција.

Бојаџиев презентираше анализа за усогласувањето на високото образование со европските економски и технолошки трендови. Тој предупреди дека Европа веќе се соочува со пад на конкурентноста во однос на САД и Кина, додека Македонија дополнително заостанува во научноистражувачката дејност, иновациите и патентната активност. Според него, современиот економски развој е невозможен без силна врска меѓу универзитетите, научните истражувања и производствениот сектор, а државата мора да создаде економија базирана на знаење, иновации и технолошки развој наместо да остане зависна од евтина работна сила. Во презентацијата беа претставени и предлози за поголема дигитализација, интернационализација на универзитетите, поддршка за истражувачки центри и стартапи, како и поголемо учество на бизнис-заедницата во креирањето на студиските програми и развојот на човечкиот капитал.

На панелот учествуваа и проф. д-р Блерта Абази Чауши, декан на Факултетот за бизнис и економија при Универзитетот на Југоисточна Европа, како и Марија Башеска од Finance Think, додека воведни обраќања имаа Гордан Георгиев од Форумот за разумни политики и Џелал Незири од Балканскиот институт за регионална соработка.

Учесниците нагласија дека за подобро усогласување на образованието со потребите на економијата е потребна поинтензивна соработка меѓу универзитетите и приватниот сектор, поголеми инвестиции во практична настава и истражување, како и поголемо вклучување на компаниите во креирањето на наставните програми.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, во 2025 година дипломирале 7.612 студенти на универзитетите и високите стручни школи, што е за 8,4 проценти повеќе во споредба со претходната година.

Најголем дел од дипломците доаѓаат од областите бизнис, администрација и право, додека пазарот на трудот сѐ повеќе покажува потреба од инженери, ИТ-стручњаци, технички кадар и профили поврзани со иновации и нови технологии.

Настанот беше организиран во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.

 

Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас

Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

Related posts

Зошто Бранко Црвенковски се јави со нова иницијатива?

admin

Нафтата повторно расте: Крeвкиот прекин на огнот меѓу САД и Иран ги држи пазарите во неизвесност

admin

Зошто е важно Македонија да биде дел од СЕПА?

admin

Американската економија експлодира: БДП скокна 4,3% и ги надмина сите очекувања

admin

НАТО: ИСТОРИСКА ШАНСА ЗА ПОСТИГНУВАЊЕ НА ТРАЕН МИР МЕЃУ КОСОВО И СРБИЈА

ninja

Рација во Седларце и Боговиње, приведени странски државјанки од Албанија, Белорусија и Русија

admin