Министерот за здравство Азир Алиу денеска се сретна со амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, во пресрет на утрешното потпишување на договорот за пристапување на земјата кон програмата EU4Health во Брисел.
На средбата се разговараше за реформите во здравствениот сектор, европската поддршка за модернизација на здравството и можностите што ги отвора најголемата здравствена програма на Европската Унија.
Според Министерството за здравство, приклучувањето кон EU4Health ќе овозможи поголем пристап до европски фондови, партнерства и експертиза во областите на јавното здравје, превенцијата, дигиталната трансформација, безбедноста на пациентите и јакнењето на институционалните капацитети.
Договорот што треба да биде потпишан во Брисел претставува нов чекор во приближувањето на Северна Македонија кон европските здравствени политики и стандарди.
Министерот Алиу нагласил дека Министерството останува посветено на усогласување со европските практики и на создавање поефикасен, подостапен и поквалитетен здравствен систем за граѓаните.
EU4Health е најголемата програма на Европската Унија во областа на здравството, создадена по пандемијата на Ковид-19 со цел да ја зголеми отпорноста на здравствените системи, да го подобри пристапот до здравствени услуги и да ја поттикне дигитализацијата и иновациите во здравството.

