Полициски службеници од Мобилната единица за компензаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграција денеска на подрачјето на СВР Тетово запреле автобус „мерцедес“, сопственост на туристичка агенција, управуван од Р.Ф. (37) од тетовското село Доброште.
Според информациите од полицијата, автобусот сообраќал на релација Германија–Македонија.
При преглед на автобусот, во приколката биле пронајдени повеќе канти за кои возачот не поседувал документи и дозволи за транспорт.
При дополнителна контрола кај еден од патниците, Ф.И. (20) од Теарце, биле пронајдени пет плика со различни апоени во вкупна вредност од 34.965 евра.
Од МВР соопштија дека парите биле внесени преку граничниот премин Табановце без да бидат пријавени, а лицето не поседувало документација за сопственост и потекло на средствата.
Двете лица се лишени од слобода поради сомнение за сторено кривично дело „криумчарење“ по член 278 од Кривичниот законик, како и по член 29 од Законот за девизно работење.
По целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави.

