Демократската партија на Албанците денеска го одржа Деветтиот конгрес на партијата, на кој делегатите едногласно го реизбраа Мендух Тачи за претседател на ДПА.
Според соопштението на партијата, конгресот се одржал „во демократска атмосфера и со високо политичко чувство на одговорност“, а биле избрани и членовите на Централното собрание.
Од ДПА наведуваат дека со процесот се зајакнуваат единството, организацијата и политичкиот континуитет на партијата.
Во рамки на конгресот била усвоена и политичка резолуција со која повторно се потврдуваат заложбите за целосна еднаквост, автентично претставување, демократија и заштита на националните интереси на Албанците во Северна Македонија.
„Демократската партија на Албанците останува цврсто определена на патот на достоинствено претставување, транспарентност и континуиран политички ангажман“, се наведува во соопштението на Секретаријатот за информирање на ДПА.
ДПА актуелно има само еден пратеник и е дел од албанската опозиција во земјата.

