Израелски сили ја зазедоа стратешката тврдина Бофор во јужен Либан, во најдлабокиот упад на израелската армија во земјата во повеќе од две децении, и покрај номиналниот прекин на огнот и најавените разговори во САД.
Тврдината, изградена во времето на крстоносците, се наоѓа на возвишение во близина на градот Набатије и има големо стратешко значење поради контролата врз делови од јужен Либан и северен Израел.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац соопшти дека израелските сили повторно го подигнале знамето на Израел над Бофор, 44 години по битката за тврдината во Првата либанска војна во 1982 година. Израел ја контролираше тврдината до повлекувањето од јужен Либан во 2000 година.
Израелската армија соопшти дека операциите во областа се насочени против позиции и инфраструктура на Хезболах, од каде, според Израел, биле истрелани стотици проектили кон израелски населени места и војници.
Хезболах, пак, соопшти дека неговите борци се судриле со израелски сили во неколку населени места северно од реката Литани и дека израелските трупи не успеале целосно да преземат контрола врз тие позиции.
Израел го прошири опсегот на операциите во Либан, испраќајќи војници преку реката Литани, која досега важеше како неформална граница на судирите. Областа меѓу Литани и реката Захрани е прогласена за борбена зона.
Либанскиот премиер Наваф Салам го обвини Израел дека спроведува „политика на изгорена земја и колективно казнување“ во јужен Либан, предупредувајќи дека нападите уништуваат населени места и принудуваат цивили да ги напуштат домовите.
Според либанското Министерство за здравство, од март досега во Либан загинале 3.371 лице, меѓу кои цивили и борци. Израелската армија соопшти дека еден нејзин војник бил убиен од експлозивен дрон на Хезболах, со што бројот на загинати израелски војници од почетокот на март достигна 25.
Во меѓувреме, САД се обидуваат да посредуваат во нови разговори меѓу Израел и Либан. Воените делегации на двете страни веќе одржаа разговори во Вашингтон, а нова рунда се очекува на 2 и 3 јуни.
Операцијата во Либан се одвива паралелно со напорите на администрацијата на Доналд Трамп да постигне договор со Иран. Иранскиот преговарач Мохамад Багер Галибаф изјави дека Техеран нема да прифати договор со САД без гаранции дека правата на иранскиот народ ќе бидат заштитени.
Трамп тврди дека обезбедил гаранции од Иран дека нема да развива нуклеарно оружје, но иранските власти велат дека конечен договор сè уште не е постигнат.
Во Газа, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека ѝ наредил на армијата да преземе контрола врз 70 проценти од Појасот Газа, потег што може дополнително да го загрози кревкиот прекин на огнот и да ја влоши хуманитарната состојба.

