35.8 C
Скопје
29 август, 2026
Inbox7.mk
СТАВ

Индекс на политички интегритет: Случај – Јавната обвинителка Ленче Ристоска

Индекс на политички интегритет [1]

Случај #5 – Јавната обвинителка Ленче Ристоска

 

Вовед

Во фокусот на оваа анализа е одлуката на јавната обвинителка Ленче Ристоска да поднесе оставка од функцијата јавен обвинител. Анализата се темели на јавно достапни информации, медиумски извештаи и реакции во јавноста  поврзани со околностите што доведоа до оваа одлука.

Оставката следува по низа институционални одлуки: изземање на Ристоска од предметите „Талир 1“ и „Талир 2“ од страна на државниот јавен обвинител, како и одбивање на нејзината иницијатива пред Советот на јавни обвинители, во која укажува на притисоци и нарушување на нејзината самостојност. Дополнително, таа неодамна беше кандидат за државен јавен обвинител, но не беше избрана од Владата. Во ваков контекст, Ристоска јавно образложува дека не може да продолжи да ја извршува функцијата во согласност со своите принципи.

Ристоска е поранешен член на Специјалното јавно обвинителство, каде работеше на повеќе високо профилирани предмети, меѓу кои „Талир 1“, „Талир 2“ и „Таргет-Тврдина“. По згаснувањето на СЈО, ја продолжи кариерата во редовното обвинителство, а паралелно е ангажирана и како јавна обвинителка за врски со Европравда (Eurojust).

Случајот отвора прашања за условите за работа во обвинителството, степенот на независност на обвинителите и односот меѓу личниот интегритет и институционалниот контекст, а воедно влијае врз перцепцијата за интегритетот на институцијата и довербата на граѓаните.

Оценување на политичкиот интегритет

Категорија: Владеење на правото
Оцена: „Градител на норми“ (+9)

Клучниот аргумент во овој случај е усогласеноста помеѓу јавно изнесените ставови и донесената одлука.

Ристоска укажува на ограничувања во својата професионална автономија, политичките притисоци, и на неможност да работи согласно сопствените принципи, по што следува конкретен чекор: повлекување од функцијата.  Ваквата конзистентност претставува јасен индикатор на личен и професионален интегритет.

Иако постојат спротивставени политички интерпретации (вклучително и квалификации дека потегот е политички мотивиран), тие не го менуваат суштинскиот факт дека станува збор за личен чин на повлекување од функција во услови на несогласување со начинот на функционирање на системот.

Согласно методологијата на Индексот, ваквиот тип дејствие:  повлекување од функција во услови на несогласување со институционалните практики,  се вреднува како „Градител на норми“, бидејќи поставува стандард за одговорно однесување во јавна функција.

Клучни аргументи

– Јавната обвинителка Ленче Ристоска ја поднесува својата оставка со јавно образложение како резултат на неможност за дејствување согласно професионалните стандарди.

– Jавни реакции од експерти од фелата  ја интерпретираат оставката како чин на интегритет и сигнал за проблеми во системот, вклучително и оценки дека самата оставка претставува индиректно укажување на состојбите во обвинителството.

– По објавувањето на оставката, следуваат реакции од јавноста, експертите и политичките субјекти. Дел од анализите ја оценуваат како чин на интегритет и индикатор за системски проблеми во обвинителството, додека владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја квалификува како политички мотивирана.

– Државниот јавен обвинител Савески во својата реакција изразува жалење за оставката, со потенцирање дека неговите одлуки насочени кон неа не се политички мотивирани туку самостојни.

Случајот како пример за интегритет

Случајот со Ленче Ристоска претставува пример на јавно повлекување од функција со образложение засновано на лични и професионални принципи.

Одлуката за оставка претставува конзистентен чин во однос на јавно изнесените ставови.

Во рамки на Индексот на политички интегритет, случајот се квалификува како „Градител на норми“ – односно ситуација во која постои усогласеност помеѓу принципите и дејствијата, и покрај сложениот институционален и политички контекст.

______________________________________________________________________________

Документот е подготвен од Форум за разумни политики (ФРП) како дел од нашата долгорочна работа на развој и одржување на Индексот за политички интегритет. Анализата се темели на јавно достапни податоци во медиумите и утврдени критериуми на индексот. 

 

[1] Методологија на „Индекс на политички интегритет“

 

Related posts

Време е за промени!

admin

Иднината ни е во Европа. Но, има ли иднина ваква Европа.

admin

Медиумското известување за неплаќањето струја во Слупчане: Енергетика претворена во етно-политика

admin

Вештачка интелигенција, продуктивност, економски раст

admin

Интелигенцијата на здравствениот систем

admin

Безбедност, отпорност и европска зрелост

admin