По изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека повеќе нема простор за идентитетски отстапки, дури и по цена на застој во евроинтегративниот процес, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, побара одржување референдум на кој граѓаните би се изјасниле за иднината на државата и патот кон Европската Унија.
Филипче оцени дека политиките на ВМРО-ДПМНЕ ја држат Македонија надвор од ЕУ и дека граѓаните ќе ја платат цената за, како што рече, „погрешните политики“ на власта.
„Ова веќе не е политичко прашање. Ова е прашање на сите нас, за секој граѓанин, за нашите семејства. Едноставно прашање за нашата иднина. Ова е прашање за референдум. Не може Христијан Тино Мицкоски да одлучува за нашите судбини“, изјави Филипче.
Тој ја обвини Владата и за манипулација со јавноста, влошување на животниот стандард и оддалечување од Европската Унија, тврдејќи дека причината е страв од одговорност за корупција и криминал.
Од Владата возвратија дека европската ориентација на државата не е доведена во прашање и како доказ ги посочија средствата од Реформската агенда и одлуките на Советот на ЕУ.
„Да не трошиме време и пари на граѓаните. Ние сме за ЕУ и тоа е наша стратешка ориентација, што ја реализираме на дело“, соопштија од Владата.
Оттаму ја обвинија СДСМ дека и претходно организирала референдум „без гаранции за европската иднина“, алудирајќи на референдумот за Преспанскиот договор во 2018 година.
Инаку, од независноста досега во Македонија се одржани три референдуми – за независноста во 1991 година, за територијалната поделба во 2004 година и за Преспанскиот договор и промената на името во 2018 година.

