Европската комесарка за проширување Марта Кос изјави дека Косово има место во Европската Унија, но дека неговиот напредок зависи од спроведувањето реформи, институционална стабилност и успех во дијалогот за нормализација на односите со Србија.
Кос, која престојуваше во прва официјална посета на Косово, се сретна со вршителката на должност претседател Албулена Хаџиу и со премиерот во технички мандат Албин Курти.
Таа порача дека 2026 година може да биде „момент на европски можности“ за Косово, но нагласи дека политичките партии мора да најдат заеднички јазик за надминување на институционалниот ќор-сокак.
„Не може да има безбедност во Европа без Косово“, порача Кос, додавајќи дека Унијата е подготвена да ја засили работата со Приштина доколку има јасен напредок во реформите.
Кос нагласи дека членството во ЕУ не се води според однапред утврдени датуми, туку според исполнување на условите. Таа посочи дека дијалогот со Белград останува клучен за европскиот пат на Косово.
Курти, по средбата, рече дека Косово не бара „кратки патишта“ ниту „задна врата“ кон Европската Унија, туку процес базиран на заслуги. Тој побара од Брисел да ја придвижи апликацијата на Косово за кандидатски статус, нагласувајќи дека земјата е целосно усогласена со надворешната политика на ЕУ.
Кос исто така потсети дека Србија мора да покаже одговорност за нападот во Бањска, оценувајќи дека ваквите прашања не можат да бидат игнорирани на патот кон европската интеграција.
Во Приштина, европската комесарка порача дека Косово може да добие значителни средства од Планот за раст на ЕУ само ако ги спроведе потребните реформи и обезбеди функционални институции.
Посетата доаѓа во период на политичка неизвесност во Косово и блокади што, според косовските власти, можат да го забават спроведувањето на европската реформска агенда.

