Косово започна со пребројување на гласовите по вонредните парламентарни избори, на кои првичните резултати покажуваат водство на Самоопределување на премиерот Албин Курти, додека опозициските партии ја намалуваат разликата во однос на претходните изборни циклуси.
Според прелиминарните податоци од повеќе од 1.000 преброени избирачки места, Самоопределување освоила 41,24 отсто од гласовите. На второ место е Демократската партија на Косово (ПДК) со 21,93 проценти, а следува Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) со 18,08 проценти.
Претходно објавените излезни анкети исто така покажаа победа на Самоопределување со околу 42 проценти од гласовите, пред ПДК со 21,6 проценти и ЛДК со 17 проценти.
Централната изборна комисија соопшти дека до 17 часот излезноста изнесувала 27,87 проценти, односно гласале 546.185 избирачи. Тоа е значително помалку во споредба со претходните парламентарни избори, кога во истиот временски период излезноста достигнуваше околу 39 проценти.
По гласањето, Албин Курти ги повика граѓаните да го искористат своето право на глас, истакнувајќи дека иднината на Косово ја одредуваат оние што учествуваат во демократскиот процес.
Кандидатот на ПДК, Бедри Хамза, побара институциите, избирачките комисии и набљудувачите да обезбедат секој глас да биде правилно преброен и почитуван.
Сличен апел упати и претставникот на Алијансата за иднината на Косово, Ардијан Ѓини, кој повика на фер и транспарентно пребројување без повторување на претходните пропусти.
Изборите се одржаа во услови на продолжена политичка нестабилност и засилен меѓународен притисок врз Приштина за обезбедување институционална стабилност и напредок во дијалогот со Србија.
Резултатите засега покажуваат дека Самоопределување останува најсилна политичка сила во земјата, но и дека опозицијата успеала да ја намали предноста на партијата на Курти, што може да го усложни процесот на формирање нова влада.

