31 C
Скопје
21 јуни, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Почна одбројувањето: Кои министри ќе ја преживеат владината реконструкција?

Премиерот Христијан Мицкоски ги заврши првите разговори со коалициските партнери за најавената реконструкција на Владата, а конечните кадровски решенија се очекуваат во текот на следната недела, пред списокот да биде доставен до Собранието најдоцна до 1 јули.

Од Владата велат дека средбите со Вреди и ЗНАМ поминале во конструктивна атмосфера и дека процесот не се води од партиски или персонални интереси, туку од потребата за зајакнување на институционалниот капацитет и побрза реализација на владината програма.

Мицкоски претходно најави дека реконструкцијата ќе опфати промени во првиот ешалон, но и во други структури на власта и на локално ниво до крајот на летото.

„Ако некои функционери се уморни, фер е да си заминат“, порача Мицкоски на партиската прослава во Струмица, критикувајќи министри и директори кои, според него, станале недостапни за граѓаните и се оддалечиле од принципите врз кои е формирана Владата.

Засега официјално е потврдено само заминувањето на вицепремиерот Арбен Фетаи, чија оставка е прифатена. Под прашање останува позицијата на министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, кој ја напушти Вреди.

Во јавноста се шпекулира и за можни рокади во ресорот здравство, но премиерот не коментира дали се разговара за евентуално преместување на министерот Азир Алиу на друга функција.

Од Вреди велат дека реконструкцијата не треба да се сведе само на промена на поединци, туку да биде инструмент за нова динамика, забрзување на реформите и подобра реализација на програмските цели.

Од ЗНАМ не откриваат детали од разговорите, но претходно отфрлија шпекулации за можни промени кај нивните министри, оценувајќи дека нивните функционери добро ги извршуваат задачите.

Опозицискиот СДСМ оцени дека најавената реконструкција ќе биде „козметичка“ и дека нема да донесе суштински промени за граѓаните.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека ќе се заменат само дел од луѓето, но дека, како што рече, „тендер-коалицијата ќе продолжи да функционира“.

Филипче исто така рече дека опозицијата нема да му даде алиби на премиерот за предвремени парламентарни избори, оценувајќи дека власта ќе посегне по избори кога ќе ги потроши средствата за, како што наведе, партиски тендери.

Владината реконструкција доаѓа по две години од формирањето на кабинетот на Мицкоски и во период на засилена политичка дебата за резултатите на Владата, исполнувањето на изборните ветувања и економскиот стандард на граѓаните.

Related posts

Нов однос кон Софија или загревање за избори?

admin

САД и Иран на чекор до договор? Венс откри: Многу сме блиску, но сè уште не сме таму

admin

Законот за игри на среќа не помина во Собранието

admin

Како посетата на Албин Курти го разбранува регионот

admin

Заев ги отфрли обвинувањата за „куфери со пари“, го обвини премиерот Мицкоски за пренасочување на вниманието од неуспесите

admin

Убиствата на ирански лидери = со кого ќе се заврши војната?

admin