Предлог-законот за правична и соодветна застапеност предизвика остра расправа во Собранието, откако во прво читање беше презентиран пред пратениците.
Пратеници од албанската опозиција оценија дека законот е неприфатлив бидејќи, според нив, не содржи доволно заштитни и казнени механизми и не предвидува јасно изјаснување за етничката припадност при вработувањата.
„За да биде успешен еден предлог-закон, треба да се создадат механизми што ќе го гарантираат тој успех. Првиот механизам е застапеноста при вработување да има етнички квоти“, изјави пратеникот Скендер Реџепи од Европскиот фронт.
Пратеничката Рина Ајдари од Европскиот фронт побара предлагачот да биде присутен во текот на целата собраниска процедура, посочувајќи дека претходно отсуствувал од седници на комисии и од пленарна седница.
Од СДСМ, пратеникот Фатмир Битиќи рече дека го поддржува системот на заслуги, но предупреди дека меритократијата без еднакви почетни шанси може да стане параван за зачувување на постојните нееднаквости.
„Администрацијата не смее да биде етнички и партиски пазар, но мора да кажеме и една вистина: мерит-систем без еднакви почетни шанси многу лесно може да се претвори во параван за зачувување на нееднаквоста“, рече Битиќи.
Од владејачката коалиција ВЛЕН тврдат дека законот содржи механизми за спроведување и санкции.
„Јавните институции преземаат мерки за обезбедување целосна и ефективна еднаквост при вработување и унапредување. Се формира координативно тело кое ќе следи, редовно ќе известува и ќе препорачува мерки за подобрување“, изјави пратеникот Беким Ќоку.
Пред главната собраниска расправа, во Комисијата за политички систем се одржа јавна дебата на која учествуваа изготвувачи на законот, експерти и универзитетски професори.
Меѓу забелешките на дебатата беа отсуството на јасна етничка припадност, недоволни санкции, предлогот периодот на казна за кандидат кој ќе се обиде да манипулира да се зголеми од три на шест месеци, како и проширување на надзорното тело со претставници од администрацијата.

