Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, изјави дека неговата партија останува против уставни измени под сегашните услови, оценувајќи дека таков чекор би можел да отвори простор за дополнителни барања поврзани со националниот идентитет, историјата и јазикот.
На прес-конференција во Скопје, Петрушевски рече дека уставните измени претставуваат „прв чекор“ по кој би следеле нови барања од страна на Бугарија.
„Со уставните измени се отвора Пандорината кутија“, изјави Петрушевски, додавајќи дека според него тоа би довело до натамошни отстапки во однос на историските и идентитетските прашања.
Тој го критикуваше договорот постигнат во 2022 година, оценувајќи дека тогашната влада на СДСМ и ДУИ прифатила услови кои, според него, не се во интерес на државата.
Петрушевски упати критики и кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека поддржува политики кои се усогласени со бугарските позиции во спорот меѓу двете земји.
Според него, актуелната надворешна политика на Владата има широка поддршка кај граѓаните и претставува поинаков пристап во однос на претходната власт.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека ставовите на СДСМ за евроинтегративниот процес придонесуваат за намалување на поддршката за опозициската партија.

