Министерот за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ тврди дека пред заминувањето од функцијата остава „средено и организирано“ министерство, со буџет намален за повеќе од три пати во споредба со 2021 година и целосно укината програмата К-5.
Стоилковиќ наведува дека буџетот на Министерството е намален од 577,8 милиони денари во 2021 година на 173,5 милиони денари во 2026 година, притоа, како што тврди, без да бидат укинати програмските активности. Според него, со тоа е прекината праксата на ненаменско трошење на јавни средства.
Тој исто така истакнува дека е завршен процесот на прераспределба на административните службеници опфатени со програмата К-5, која, според него, претходно овозможувала исплата на плати на лица кои не оделе на работа.
Стоилковиќ оценува дека новиот Закон за соодветна и правична застапеност, кој е во собраниска процедура, треба да обезбеди поголема професионалност, инклузивност и компетентност во јавната администрација.

