27.9 C
Скопје
14 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Европарламентот алармира: Корупцијата и политичките блокади ја кочат Северна Македонија

Северна Македонија треба да покаже обновена политичка посветеност и поширока меѓупартиска соработка за да го забрза патот кон членство во Европската Унија, оцени Комитетот за надворешни работи (AFET) на Европскиот парламент во новиот извештај усвоен во средата.

Европратениците ја потврдија поддршката за европските аспирации на земјата, но истакнаа дека отворањето на следната фаза од пристапните преговори останува условено од спроведување на длабоки и одржливи реформи, како и од усвојување на договорените уставни измени.

Во извештајот се наведува дека од последниот извештај наваму е постигнат ограничен напредок, поради што е неопходно ново политичко лидерство и надминување на партиските поделби.

„Потребна е итна меѓупартиска соработка за усвојување на неопходните уставни измени кои ќе овозможат отворање на првиот преговарачки кластер“, се наведува во документот.

Европратениците оценуваат дека демократските институции во земјата продолжуваат да функционираат, но предупредуваат дека длабоката политичка поларизација ги блокира клучните реформи и именувања во институциите. Воедно се посочува дека изборната реформа доцни и останува една од нерешените обврски.

Посебна загриженост е изразена поради ограничениот напредок во зајакнувањето на независноста на судството и борбата против корупцијата. Во извештајот се наведува дека корупцијата останува распространета во повеќе сектори, додека јазот меѓу покренатите истраги и конечните судски пресуди во случаи на висока корупција останува значителен.

Според европратениците, долгорочниот економски развој на земјата е тесно поврзан со владеењето на правото, правната сигурност и предвидливоста на институциите.

Извештајот предупредува и на зголемени обиди за манипулација со јавниот простор преку странско влијание и дезинформациски кампањи насочени кон поткопување на довербата во демократските институции и европската перспектива на земјата.

Истовремено, Европскиот парламент ја пофалува Северна Македонија за високото ниво на усогласеност со заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика на Европската Унија, што останува една од најсилните точки во односите меѓу Скопје и Брисел.

Известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, оцени дека земјата во последниот период презела важни реформски чекори и дека е клучно тие да продолжат.

„Северна Македонија неодамна направи важни реформски исчекори и од суштинско значење е Владата да продолжи по истиот пат и цврсто да остане посветена на европската интеграција. Иднината на Северна Македонија е во Европската Унија“, изјави Вајц.

Извештајот беше усвоен со 43 гласа „за“, 17 „против“ и 13 воздржани, а во следната фаза ќе биде ставен на гласање на пленарна седница на Европскиот парламент.

Документот доаѓа само еден ден по посетата на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта на Скопје, при која тој порача дека уставните измени остануваат единствениот предуслов за формално отворање на пристапните преговори, повторувајќи ја позицијата што Брисел ја застапува од усвојувањето на преговарачката рамка во 2022 година.

Related posts

Тошковски: ДУИ, СДСМ и Левица во оркестриран напад за саботажа на правдата

admin

Кој ќе ги добие клучните позиции во ЕУ по изборите?

admin

Мицкоски: Потпишани договори за капитални инвестиции од 250 милиони евра за општините

admin

Мицкоски и коалицијата го туркаат новиот Изборен законик, Филипче се закани: „Ќе го блокираме!“

admin

ЌЕ ИМА ЛИ ПРЕМИЕР АЛБАНЕЦ ВО ПОСЛЕДНИТЕ 100 ДЕНА? КОВАЧЕВСКИ ВЕЛИ ДЕКА ДОГОВОРОТ СО ДУИ Е ТРАНСПАРЕНТЕН

admin

Собир пред српскиот конзулат во Куманово – поддршка за Александар Вучиќ

admin