Собранието в среда ќе расправа за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, поднесена од опозициската Левица, додека паралелно се очекува Владата да ги финализира разговорите за најавената реконструкција на владиниот кабинет.
Претседателот на Собранието Африм Гаши информираше дека интерпелацијата ќе биде на дневен ред на пленарната седница закажана за 24 јуни. Левица го обвинува Тошковски за, како што наведува, селективна правда, саботирање истраги, непрофесионално работење на полицијата и судир на интереси.
Еден ден подоцна, на 25 јуни, пратениците ќе имаат можност да поставуваат прашања до премиерот и членовите на Владата на редовната седница за пратенички прашања.
Во меѓувреме, до Собранието се очекува да пристигне и ребалансот на Буџетот за 2026 година, кој според најавите на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ќе предвиди и зголемување на буџетскиот дефицит.
Покрај законодавната агенда, вниманието на јавноста е насочено кон владината реконструкција. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека разговорите со коалициските партнери се во завршна фаза и дека до крајот на неделата треба да бидат познати кадровските решенија.
„Во текот на викендот очекувам да се финализира процесот и со имиња и со останати специфики“, изјави Мицкоски.
Собранискиот спикер Гаши рече дека седницата за избор на реконструираниот владин состав ќе биде закажана веднаш штом Владата официјално го достави предлогот до парламентот.
„Без да имаме предлог за промена во владиниот кабинет не можеме ништо да прејудицираме. Зависи кога Владата ќе го достави предлогот“, изјави Гаши.
Реконструкцијата се очекува да опфати повеќе министерства и функционери, а според најавите од Владата не е исклучена ниту можноста за прераспределба на ресори меѓу коалициските партнери.
Така, последната недела од јуни би можела да биде една од политички најдинамичните во земјата, со расправа за одговорноста на министерот за внатрешни работи, ребаланс на државната каса и можни промени во составот на Владата.

