30.9 C
Скопје
16 јули, 2026
Inbox7.mk
СТАВ

“Меѓуалбански конфликт” за “македонска” среќа

Пишува: Никица Корубин

Долго-најавуваниот Закон за соодветна и правична застапеност, конечно пристигна во собранието. После сите специјални консултации со Венецијанската комисија и повикување на сите можни европски стандарди за “малцински права” – правата на “малцинствата” се испорачани, разбирливо од “мнозинството”. Кое, очигледно не се замара ниту да се впушти во собраниска дискусија (која патем речено е обврска), за закон кој треба да регулира “темелно начело во уставниот поредок” како што велат авторите на законот.

Па, “малцинствата” односно “албанското малцинство” – оставено само во “жестока пресметка” да се грижи за уставниот поредок. Оваа очигледна субјективизација на наративот (албански конфликт, пресметка), како што штуро известуваат медиумите е во функција на субординацијата (мнозинството-Македонците го креираа законот за малцинството-Албанците); оставени сами и во конфликт, да се договорат “за нивните работи”. Во рамки и услови однапред определени.

Па, затоа се чини дека е излишно прашањето колку пратеници Македонци учествуваа и ќе учествуваат во дискусијата за овој закон, во веќе поставена кулиса – на дискусија за “темелното начело во уставниот поредок”, со познати правила и уште поважно позната “хиерархија”. И веројатно истите кои сега ќе одмолчат, утре ќе ламентираат за “загрозената унитарност”, “албански национализам” и ќе ја негираат секоја видлива албанофобија, од супериорната позиција на “мнозинство”.

И додека македонските пратеници, и сите останати влијателни (македонски) структури, “не се замараат” со сопствениот устав и “албанските прашања” – да видиме што вели самиот закон – кој уште од стартот е конфликтен, дискриминаторски и крајно тенденциозен. На граница на партиско/политикантски текст, наместо правен, како прецизна легислатива.

Од самиот воведен дел, кој не е пишуван во правен манир, туку со субјективен јазик на очигледна нетрпеливост – скандалозно е што самото начело на “соодветна и правична застапеност” се става во контекст “примена на квантитативен пристап” на “неефикасна и непрофесионална администрација”. Чиниш “ефикасноста и професионалноста” (квалитетот) е ексклузивно македонска, па има потреба од контрола на “количината (квантитетот) на Албанците.

За да продолжи во “духот на (не)уставноста на уставниот суд” да ја деградира и рангира “соодветната и правична застапеност” и да ја подредува на другите уставни права, спротивно на нивната еднаквост во самиот устав. “Дефиницијата” на двата термина одделно – соодветна и правична – што е само по себе упад во уставниот и историскиот контекст, да не беше (зло)намерно, ќе беше комично, како составен дел на законска материја, која треба да биде прецизна, а не описна, субјективна и пристрасна. Речиси анти-законска.

И токму тука перфидно ја екстрахира етничката припадност, преку нејзино условување со “компетентност и интегритет”, како да е тоа прашање на етникум, а не индивидуални перформанси; вршејќи класична дискриминација по етничка основа и сугерирајќи дека таа специјална “ проверка” треба да биде наменета само за заедниците – термин кој секогаш се употребува за “другите” освен за Македонците, кои исто така се предмет на овој закон.

Начелото на “пропорционалноста” вметнат како услов за “дозвола за соодветна и правична застапеност” иако би можел да биде “црешата на шлагот”, за жал не е, туку е само уште еден пример во низата изразено “супремациски” речиси “наредбодавачки” одредби за тоа што е замислено (и дефинирано) како “ соодветна и правична застапеност”.

Кое разбирање кулминира со воведување на терминот на “надзастапеност” кое всушност и го (раз)открива целиот “етички и вредносен” систем на размислување при определувањето на “правата” на “другите”. Дадени од Македонците, а не од уставот.

И токму затоа овој закон не е закон базиран на духот на уставот, туку врз база на воспоставување на “контрола и субординација”. И токму поради тоа, тој е тема за дискусија за Македонците, многу повеќе отколку за Албанците.

Затоа, што во “наше” име се дезавуира и компромитира уставниот поредок, и преку системот на “соодветна и правична застапеност”, се врши “етничко етикетирање” за процесот на партизација спроведен во најголем процент од македонските партии низ годините; и се создава суштинско нарушување на уставната поставеност на властите. Во кои улогата на највисоката власт (законодавната) е целосно превземена и од извршната, и од уставниот суд и од сите влијателни структури.

Но, ако моќта е колективна, одговорноста е индивидуална, исто како и обврската на сите пратеници, избрани од граѓаните да ги претставуваат, да го креирааат правниот систем и да реагираат и за другите, исто како и за себе. Затоа што за нашиот устав се работи, а токму тој е оној што дава права (и обврски).

Тоа не се ниту неговите “толкувачи”, ниту неговите “бранители”. Тоа сме ние, како европска и функционална држава, еднаква за граѓаните, еднаква за избраните. По устав и закон, правен и праведен, а не подобен.

Related posts

Македонијо, каде одиш

admin

Зошто скршена Русија е лоша за светот

admin

Индекс на политички интегритет: Синдикалниот лидер Благоја Ралповски, претседател на КСС

admin

Цццц… неверојатно, каков пристап од правничката на ”Јустинијан Први”!

admin

Кога Европската унија конечно ќе ја покаже својата вистинска тежина во опасниот свет?

admin

Болница без ѕидови

admin