Собранието на Северна Македонија усвои измени на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување, со кои се воведува нов модел на органодарителство заснован на лична согласност на граѓаните.
Со 58 гласа „за“ и шест „против“, пратениците ги усвоија измените со кои секој полнолетен граѓанин ќе може лично да се изјасни дали по смртта сака да биде дарител на органи, преку својот матичен лекар. Одлуката ќе се евидентира во системот „Мој термин“ преку посебен дигитален модул.
Новиот систем ќе им овозможи на граѓаните во секое време да ја променат или да ја повлечат својата одлука.
Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека со измените се напушта досегашниот модел на претпоставена согласност и се воведува принципот на лична автономија.
„Отсега државата нема да претпоставува, туку граѓанинот сам ќе одлучи и ќе може да каже ‘да, сакам по мојата смрт да помогнам некој друг да живее’ или ‘не, тоа не е мој избор’. Тоа е највисокиот степен на почитување на човечкото достоинство и личната автономија“, изјави Алиу.
Измените предвидуваат и проширување на кругот на живи дарители на органи, со вклучување на сродници до четврто колено. Според Министерството за здравство, секој случај ќе биде разгледуван од Етичка комисија, која ќе треба да ја потврди доброволноста на одлуката и да спречи евентуални злоупотреби, притисоци или трговија со органи.
Алиу, кој деновиве учествуваше на јавна дебата за органодарителството во Гостивар, најави дека ќе биде првиот граѓанин кој ќе се регистрира како органодарител по воведувањето на новиот систем.
„Органодарителството е тема која отвора едно од најдлабоките прашања што нашето општество може да си го постави – дали во најтешкиот момент можеме да создадеме надеж за некој друг“, рече министерот.
Властите очекуваат дека новиот модел ќе придонесе за поголема доверба, транспарентност и информираност во системот на трансплантација во Северна Македонија.

