27.9 C
Скопје
17 јуни, 2026
Inbox7.mk
АНАЛИЗАСТАВ

Палењето бугарски коли може да ја изгори само Македонија

Дека Македонија си дава автогол со такви инциденти потврди и реакцијата од француската амбасада во знак на солидарност со бугарските колеги.

Пишува: Соња Крамарска

Македонско-бугарските односи неочекувано ги вжешти инцидент прикажан на видео во кој скопјанец со канистри бензин потпалува две возила во сопственост на бугарската амбасада во Скопје паркирани пред самата амбасада. Човекот лежерно без да се сврти околу себе и да види дали некој го гледа, спокојно си истури бензин врз автомобилите и уште поспокојно си замина. Не е потребно да елаборираме дека таков палеж може да ескалира во експлозија и повредување на случајни минувачи или да се пренесе пожарот и на други возила во поминување. Чинот е безумен, опасен и со потенцијал да мултиплицира штети не само физички туку и да ги усвити односите меѓу Македонија и Бугарија кои и без тоа се на раб на ескалација.

Со овој чин, Бугарија како едвај да дочека да добие уште еден доказ за пред Европа дека во Македонија се шири омраза кон Бугарија и дека не само што не се добредојдени Бугарите во служба на нивната амбасада туку и бугарското малцинство во целина. Имаше, се разбира, преувеличување во оценките на официјална Софија дека „овој демонстративен чин на агресија го загрозува здравјето и животот на вработените во нашата амбасада во Скопје“.

Но не може а да не се согласиме од друга страна со оценката во соопштението што го издаде нивното МНР дека палењете на два автомобили на бугарската амбасада во Скопје е „резултат на агресивен политички говор, поттикнување омраза и недостаток на соодветен одговор од страна на институциите во претходни слични случаи, што создава чувство на неказнивост за сторителите”.

Умерени надвор, радикални дома

Бугарија случајот си го искористи како оружје против Македонија пред Европската унија, но што прави македонската страна да се заштити од вовлекување во дипломатска војна со такви провокативни настани? Или вистинското прашање е до кога нашето државно раководство преку отворени и скриени алузии дека Бугарија сака да ги поништи македонскиот јазик, култура, историја и идентитет, ќе го потхранува непријателство кон држава чија надворешно-политичка моќ е неколку пати поголема од нашата. Патриотизмот при водење на држава бара поголемо чувство за интересите, стратегија за иднината и проценка на евентуалните штети доколку дојде до политичко одмерување на силите меѓу двете земји на меѓународната сцена.

Не може а да не видиме дека колку и да користи нашето раководство умерена реторика при средбите со бугарските колеги, на домашен терен катадневно ја демонизира Бугарија. „Бугарија сака да ги уништи македонската нација и идентитет“ – беа зборовите на премиерот откако лани европарламентот го усвои извештајот за Македонија во кој со амандмани беа избришани зборовите „македонски јазик и идентитет“. Потоа следеа и други како „Бугарија пропушти шанса да биде добар пријател“, „Владата нема да попушти на уцени“, или „во 21 век го негираат идентитетот на македонскиот великан Гоце Делчев”.

Колку и да се точни, овие изјави се истовремено и потпалувачки. Особено кога доаѓаат од највисоките државни функционери кои се и највисоки авторитети во државата кога е во прашање политиката. На премиерот, министерот за надворешни работи, претседателката и министерот за транспорт треба да им биде јасно дека нивните зборови имаат тежина и затоа треба да ги мерат. Изјавите против Бугарија кога се кажани од случајни лица не произведуваат никаков ефект, но кога доаѓаат од највисоко место тие имаат сила на цунами. Почнуваат како каменче во вир а потоа се шират во концентрични кругови и влегуваат во секоја пора од општеството. Таму се вгнездуваат и почнуваат да плетат мрежа за токсичен амбиент кој не му штети никому друг освен на државата.

Затоа и палењето на бугарски автомобили може да ја изгори само Македонија, и никој друг.

Зошто Париз е вознемирен?

Владата во Македонија овозможи атмосфера во која Бугарија се смета за најголем душман на Македонија. Повторувањата од премиерот,претседателката и министерот за надворешни работи дека Бугарија сака да ја обезличи Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, да и го одземе идентитетот и националната историја, или да ја побугарчи Македонија, придонесоа денес да живееме во експлозивен амбиент кога ќе се спомене источниот сосед.

Дека Македонија си дава автогол со такви инциденти потврди и реакцијата од француската амбасада која е во знак на солидарност со бугарските колеги. Франција изрази најостра осуда и порача дека „ништо не може да го оправда ваквиот напад врз безбедноста на дипломатските претставништва, која мора да биде загарантирана во сите околности”. Нашето раководство треба овој потег на француската амбасада да го гледа со најголема сериозност бидејќи е со потенцијал да ги поткопа македонските државни позиции во натамошната политика кон Бугарија. Не случајно Франција, каде беше роден францускиот предлог, осудувајќи го инцидентот воедно ги посоветува властите во Македонија и Бугарија „да работат на создавање клима на доверба во нивните билатерални односи”.

Пред четири години и пејачот Ламбе Алабаковски подметна пожар пред бугарскиот културен центар „Ванчо Михаилов“ во Битола. Тој го призна делото и доби условна казна од шест месеци, што е несразмерна казна со оглед на политичките последици што ги предизвика. Јавноста неодамна беше наелектризирана и со видео репортажа дека автомобилите на бугарската амбасада се непрописно паркирани пред објектот на амбасадата во центарот на Скопје. Како да се само тие непрописно паркирани.

Сето тоа не и помага на Македонија во битката меѓу Давид и Голијат, туку и одмага. Вакви инциденти се во поддршка на Владата и ставот дека не треба да се направат уставни измени. Тие и даваат алиби на власта еден ден да рече – ние сакаме но народот не сака и нема да одиме против нашиот народ. Таква тактика им помага на владетелите да се кријат зад народот божем спроведувајќи политика по желба на народот, а всушност си го гледаат партискиот интерес за што подолго владеење. (DW)

Related posts

Политичка криза во Македонија: Доста е!

admin

МЛАДИТЕ, ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ И ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС

admin

Тринаесетиот преимер

admin

НЕМА КОНСЕНЗУС ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ ПО ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА

ninja

ВО ПРЕСРЕТ НА ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА

admin

Каква дестабилизација не очекува?

admin