21.8 C
Скопје
15 септември, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Гаши без објаснување ја тргна точката за „Скопје 2028“, ДУИ обвини за кршење на Деловникот

Собранието денеска го повлече од дневниот ред на 119. седница Предлог-законот за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, кој требаше да се разгледува по скратена постапка.

Претседателот на Собранието Африм Гаши, предлагајќи го дневниот ред, не ја вклучи оваа точка и првично не даде објаснување за нејзиното повлекување, што предизвика реакции од пратениците на ДУИ.

Пратеникот Талат Џафери оцени дека со тоа е прекршен Деловникот, бидејќи, според него, претседателот на Собранието нема овластување самостојно да го менува дневниот ред по кој е свикана седницата. Пратеничката Рина Ајдари побара јавно да се образложат причините за повлекувањето на законот и забелешките изнесени на вонредната координација.

По реакциите, Гаши изјави дека одлуката била донесена со договор на координативната средба на пратеничките групи.

„Главен проблем во предлог-законот беа процедуралните забелешки и изнајдовме компромис таа точка да биде симната од дневен ред“, рече Гаши.

И пред почетокот на седницата, ДУИ, Алијансата за Албанците и Албанската лига реагираа дека не биле испочитувани роковите за доставување на материјалите, како и обврските поврзани со употребата на албанскиот јазик. Гаши возврати дека Деловникот му овозможува да свикува итни седници и во пократок рок.

Повлечениот предлог-закон, поднесен од група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, предвидуваше Град Скопје да формира посебна фондација за реализација на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, која при набавките нема да биде обврзана да го применува Законот за јавни набавки. Предлагачите образложија дека ваквиот модел е потребен за да се обезбеди професионално и автономно управување со проектот.

Законот претходно предизвика критики од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, кои предупредија дека Законот за јавни набавки не смее да се заобиколува и дека предложеното решение создава ризик од намалена транспарентност и зголемени можности за корупција.

Дополнителни критики упати и пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска, која оцени дека со предложениот модел се отвора можност околу 21 милион евра јавни средства да се трошат без примена на Законот за јавни набавки и без независна контрола.

„Проектот ‘Скопје 2028’ е значајна можност за градот и културата, но токму затоа мора да има максимална транспарентност. Предлог-законот треба да биде повлечен“, изјави Петровска, споредувајќи го предложениот модел со проектот „Скопје 2014“.

За сега не е соопштено кога изменетата верзија на законот повторно ќе биде доставена во собраниска процедура.

Related posts

Од германска гордост до глобална криза: Што го уништи Volkswagen?

admin

Вучиќ со остри критики до Љајиќ и Зукорлиќ: „Со огнот, водата и државата не се игра“

admin

Бугарски аналитичар: Северна Македонија е во ќорсокак, без нова визија за ЕУ

admin

СДСМ најави кадровски промени, Трајановски предложен за потпретседател

admin

Трамп вели дека САД ќе го преземат Гренланд „на еден или друг начин“

admin

Али Ахмети: Поддршката за САД и за Трамп останува наш јасен избор

admin