28.2 C
Скопје
12 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Македонија останува на перонот додека соседите влегуваат во европскиот воз

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека неговата влада нема безусловно да ги прифати обврските преземени од претходната власт за деблокирање на преговорите со Европската Унија, додека опозицискиот лидер Венко Филипче оцени дека со таквата политика Северна Македонија практично се повлекува од процесот на проширување.

Политичкиот судир се заостри во пресрет на нови меѓувладини конференции на ЕУ со Украина, Молдавија, Албанија и Црна Гора, кои треба да направат дополнителни чекори во пристапните преговори.

Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања во Охрид, рече дека Владата ќе продолжи со реформите, но дека измената на Уставот и исполнувањето на договореното од претходната влада не ги смета за суштински реформи.

„За мене, промена на Уставот и прифаќање на тоа што го прифатила претходната влада не е реформа“, рече Мицкоски.

Тој повтори дека владината политика е насочена кон заштита на македонскиот национален идентитет и дека нема да прифати, како што рече, безусловни национални отстапки без гаранции дека земјата ќе ја постигне конечната цел – членство во ЕУ.

Според него, претходната влада прифатила асиметричен предлог кој не успеала да го спроведе, оставајќи ја сегашната власт да се справува со последиците.

„Можеме да разговараме, да преговараме и да бараме решение. Но, безусловно да ставам потпис на она што го прифатила претходната влада, додека сум на оваа функција, нема да го направам“, изјави премиерот.

Мицкоски рече дека конечната оценка за неговиот пристап ќе ја дадат граѓаните на следните избори. Доколку тие оценат дека политиката е погрешна, рече тој, Владата ќе замине во опозиција, а тој ќе се повлече од политиката.

Две различни толкувања на реформите

Владата се повикува на резултатите од Реформската агенда во рамките на Планот за раст на Европската Унија, преку кој земјите од Западен Балкан добиваат финансиска поддршка доколку исполнат претходно договорени обврски.

Северна Македонија беше позитивно оценета за реализацијата на дел од реформите во последниот шестмесечен период. Сепак, според досегашната вкупна реализација, земјата заостанува зад Албанија и Црна Гора.

Клучната разлика меѓу Владата и институциите на ЕУ е во толкувањето на тоа што претставува напредок во пристапниот процес.

Владата ги нагласува реформите во јавната администрација, економијата и институционалното работење. Брисел, покрај нив, го смета исполнувањето на обврските од преговарачката рамка, вклучително и внесувањето на Бугарите и другите заедници во Уставот, за услов за отворање на кластерите.

Премиерот не ја отфрли можноста за натамошни разговори, но повтори дека решението мора да биде, според неговите зборови, конструктивно, а не деструктивно за националните интереси.

„Ако некој смета дека оваа држава треба да биде дел од Европската Унија, ние сме подготвени да направиме сè што е конструктивно“, рече тој.

Филипче: Македонија исчезнува од европската агенда

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека изјавите на Мицкоски покажуваат оти Владата се откажува од активното водење на процесот за членство во ЕУ и чека Брисел сам да ѝ понуди решение.

Тој рече дека новите чекори на Украина, Молдавија, Албанија и Црна Гора покажуваат дека проширувањето останува високо на агендата на Унијата, но дека Северна Македонија не е дел од моментумот.

„Додека другите држави одат напред, Македонија останува надвор од европската мапа и европската агенда поради погрешните политики на Владата“, рече Филипче.

Според него, најавените меѓувладини конференции се доказ дека проблемот не е во неподготвеноста на ЕУ за проширување, туку во неможноста на македонската влада да го деблокира процесот.

Филипче го обвини премиерот дека земјата ја претворил во заложник на сопствената политичка немоќ да се справи со прашањето на уставните измени.

Долгото чекање продолжува

Северна Македонија доби статус на кандидат за членство во ЕУ во 2005 година. Првата политичка меѓувладина конференција се одржа во 2022 година, по прифаќањето на европскиот предлог за надминување на спорот со Бугарија.

Скринингот на македонското законодавство беше завршен, но отворањето на преговарачките кластери остана условено со уставните измени.

За нивно усвојување е потребно двотретинско мнозинство во Собранието, кое владејачката коалиција во моментов го нема.

ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт со став дека нема да ги прифати измените под постојните услови и дека ќе бара дополнителни гаранции од ЕУ и Бугарија дека нема да се појавуваат нови билатерални барања во текот на преговорите.

Претставници на Европската Унија во повеќе наврати порачаа дека преговарачката рамка нема повторно да се отвора и дека ниту една земја-кандидат не може однапред да добие гаранција дека во процесот нема да се појават нови спорови.

Судирот меѓу власта и опозицијата сега се води околу основното прашање: дали одбивањето на уставните измени претставува заштита на националните интереси или одложување што ја остава земјата зад соседите.

Засега нема најава за политички договор што би обезбедил двотретинско мнозинство. Тоа значи дека Северна Македонија ќе продолжи да ги спроведува реформите поврзани со Планот за раст, но без почеток на суштинските пристапни преговори со Европската Унија.

Related posts

ЕУ одобри 142 милиони евра, но Брисел порача: Следниот чекор е Уставот

admin

Објавени 161 таен документ за НЛО и вонземски феномени

admin

Работниците повторно на улица на 1 Мај: ССМ бара подобар стандард

admin

Германија се свртува кон Индија за да го ублажи недостигот на работна сила

admin

Италија потпиша договор за испраќање мигранти во Албанија

admin

Филипче и Мицкоски во клинч во Собранието

admin